Еуропол: Заработката од криумчарење илегални имигранти во Европа изминатата година на бандите им донела од 3 до 6 милијарди долари - рекорден профит.
„Голем дел од прометот на тие пари се одвива по илегални банкарски канали, но криумчарите користат и легален бизнис со пари“, објави Европската полициска агенција.
Меѓу криумчарите најбројни се Турците. Меѓу 400.000 организирани криминалци од овој тип има и лица од Бугарија, Египет, Сирија, Ирак и Полска.
Бизнисот на шверц на луѓе
сега е во најголем подем во однос на криминалните активности во Европа, конкурирајќи и` на трговијата со дрога. Истражување на Еуропол врз база на изјави на 1.500 баратели на азил, бегалци и економски имигранти покажало дека 90% од нив платиле на криминална банда за да стигнат во Европа.
Ако се има предвид дека лани над милион луѓе ја напуштиле својата татковина заради војна, сиромаштија и прогон и тргнале кон Европа, тоа значи дека многу луѓе прават многу пари, посочил Роб Вејнрајт, директор на Еуропол.
„Имигрант на криминалци во просек плаќа од 3.000 до 6.000 долари на своето патување до Европа. Со проста математика се доаѓа до сума од 3 милијарди до 6 милијарди долари за 2015-та. Тоа се големи бројки. Криминалните мрежи само во Европа за една година прават милијарди“, додал Вејнрајт.
Криминалните мрежи се протегаат од субсахарска Африка до Скандинавија, при што десетици илјади луѓе се вмешани во трговијата. Само во Европа лани биле идентификувани 10.700 осомничени лица. Меѓу нив има од ситни криминалци кои прават лажни пасоши, таксисти кои превезуваат мигранти низ државите и преку граници до криминални синдикати.
Се регистрираат и многу злоупотреби по мигрантски рути - шверцери исчезнуваат со животната заштеда на бегалци или најочајните луѓе се продаваат на банди за изнуда и киднапери.