X
 13.02.2018 Култура

Dreadpen, македонска стрит-арт приказна: Чкртам откако знам за себе

Еднаш, бабичка на прозорец, во 3 саат сабајле: - Псст, еј, што правиш? - Ништо... А ти што правиш бабо, 3 сабајле е? Завршив работа и заминав


Давид Ристевски

Dreadpen. Ако често шетате низ Скопје, сигурно некаде сте го прочитале ова име. Тек-тук и во Битола и во Прилеп... На мали коцкести трансформаторчиња, на кои им дава убавина. Очи, уста развлечена во насмевка... нешто што во моментот го инспирира.
- Чкртам откако знам за себе – вели Давид Ристевски, графички дизајнер, илустратор и стрит-артист.
Нема потреба да се бара потекло на инспирацијата за прекарот и уметничкото име - Дредпен. Суканиците на главата кажуваат сè. Ги носи веќе десет години. Приближно во периодот кога ги скинал лигаментите на ногата, поминал шест месеци во кревет со ногата нагоре. Било повеќе од јасно дека кариерата на професионален фудбалер нема иднина.
- Отсекогаш имам суканици. Беа многу долги. Ги скратив. Неподносливо е, особено по туширање. Потребни се 2-3 часа за да ја исушиш косата со фен – раскажува тој.

Несудениот професионален фудбалер

Роден е во Прилеп, пред 27 години. Во Скопје се преселиле кога бил многу мал. Не памети кога почнал да чкрта.
- Дали бев прво или второ одделение, пишував по улици, ми беше мерак со спрејови. На татко ми му останале боички, некоја кантичка, земи ја, излези, потпишувај се по ѕидови... Како поминуваа годините, така тоа сè повеќе ме привлекуваше. Порано бев професионален фудбалер, но потоа се насочив кон цртање. И кога играв, цртав паралелно – раскажува Давид.
Поради повредата, му завршила кариерата во „Победа“, па во „Вардар“. Тогаш се насочил целосно кон цртањето. Студирал веб-дизајн на Техничкиот факултет во Битола. Веќе шест години го развива својот мал бизнис. Веб-страницата и сè што се нуди на неа изработува сам. Во процесот на производство има тим со кој долго време соработува. Изработува маички, принтови, стикери, тефтерчиња, во една уникатна форма.


Го произведува она што би сакал тој да го користи

- Почнува од она што би сакал јас да го користам. Сè тргува оттука. Од мене. Особено нотесот. Пред да почнам да го нудам на продажба, постојано носев нешто со себе, купував наместо да си правам. Си реков, зошто да не направам свое и да почнам да го продавам. Не очекував дека ќе има публика. Истото се однесува и на маичките. Почнувам со илустрации кои јас би сакал да ги носам – раскажува тој.
Единствено што отстапува се стикерите. Не бил свесен колку луѓето сакаат да купуваат стикери.
- Инвазија. Еден купува по четири пакетчиња. Навистина не знам што им прават на толку стикери. И мене лаптопот ми е целосно излепен, нема каде да ставам. Чудно е. Купуваат, но не ги лепат, си ги чуваат – објаснува Дредпен.

Целосно македонски производ

Сè што произведува се печати во Скопје. Сè е македонски производ. Според статистиката, 30 отсто од купувачите се од странство, другите се од тука.
- Зачудувачки е процентот, многу висок. Последните две години се насочувам токму за овој пазар. Сакам тука да се промовирам. Тука сум и сакам да останам тука. И мерак ми е тука да продавам. Сè е онлајн. Публиката, најчесто се млади – средношколци и студенти. Родители има, често купуваат. Сè што има срценце, го купуваат – вели Давид.


Во редакцијата на Факултети.мк

Производите ги пакува и вели дека како производ во целина добро изгледа. Стигнува на домашна адреса на купувачот и има изненадување. За Денот на вљубените – Св. Валентин има специјална понуда - тематски производи. Маички со специјализирана тематика и стикери за кои купувачите се многу заинтересирани. Годинава има и пониска цена за купена маичка со стикери.

Малите трансформатори - предизвик

На прашањето како се бори со конкуренцијата, Давид вели дека ја има. Кај нас има голема опасност од создавање монополи, но здравата конкуренција на изворно направени оригинални производи секогаш е добредојдена.
- Те поттикнува да одиш напред. Ретки се луѓето што прават вакви продукти со кастом илустрации - лични проекти. Речиси сите ми се пријатели, разговараме за работата. Секој си има своја публика, се шириме. А тоа е многу добро – вели тој.
Дредпен веќе долго време не работи графити, но работи стрит-арт. Предизвик му се мали трансформатори. Досега има разубавено 73 - низ Скопје, Битола, Прилеп. На почеток ги правел навечер. Излегувал околу 2-3 наутро. Сега излегува со велосипед, со спрејот в ранец.


Разубавените трансформаторчиња

- Застани, чкртни, продолжи. Има луѓе што негодуваат. Чудно е, поминуваат, те гледаат, не знаат што правиш, застануваат, те прашуваат. Некогаш не сфаќаат, па треба да им објасниш. Но, најчесто те гледаат, сликаат, ќеф им е, баш убаво изгледа на крај… Еднаш, бабичка на прозорец, во 3 саат сабајле:
- Псст, еј, што правиш?
- Ништо... А ти што правиш бабо, 3 сабајле е? Завршив работа и заминав.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура