Визуелниот уметник Лазе Трипков е добитник на наградата „Златна пчела“ за неговиот плакат „Баухаус 100“ во Москва, Русија. Станува збор за голема интернационална кампања посветена на движењето „Баухаус“, уметничка школа и посебен правец во архитектурата, основана пред 100 години, која и денес влијае врз обликувањето на нашата околина. Трипков беше единствен претставник од Македонија, а наградата ја добија и познатите дизајнери Олег Коритов од Русија и Кристоф Стетлер од Швајцарија
Неодамна ја добивте престижната награда „Златна пчела“ за плакатот „Баухаус 100“ во Москва, Русија... Неверојатен успех. Може ли да се каже дека оваа награда е своевиден „Оскар“ во дизајнерскиот свет?
- Секоја награда има посебно значење, но кога е во прашање дизајнот и визуелната комуникација, тогаш наградата во чест на школата Баухаус бара да ѝ отстапите посебно место. Морам да признам дека сум многу почестен, ова е прва награда за Македонија на Московското биенале и особено значајна за дизајнерската фела. Како дизајнер, чувствував потреба да одговорам на предизвикот поради непроценливото значење на Баухаусот, школата што ја наметна функционалноста, школата што беше забранета од нацистите поради тоа што реши да го обликува материјалниот свет што ќе рефлектира единство на сите уметности.
Наградениот плакат
Како се случи сето тоа?
- Кога зборуваме за Баухаус, многу е битно да се потенцира дека станува збор првенствено за школа чии цели прераснуваат во движење. За мене лично, таа е еден од најинспиративните и најзначајните придвижувачи во уметноста и подоцна дизајнот. Минатата 2019 година се навршија 100 години од формирањето на Баухаус. Со задоволство го проследив повикот на Московското биенале за изработка на плакат со кој ќе се одбележи јубилејот. Зошто Москва, а не Берлин или Вајмар?! Taa година Германија реализира различни ревијални изложби и промоции поврзани со Баухаусот, како и продажба на продукти што биле целосно изработени и осмислени од страна на студентите и професорите до 1933 година. Повикот ме поттикна мојот плакат да го посветам на Оскар Шлемер, професор на Баухаус, господар на формата. Лично сметам дека тој е една од најважните фигури на движењето. Во својата работа и во делата демонстрирал интерактивен и концептуален пристап кон уметноста и уметничкото размислување, воспоставувајќи ги основите на современата методологија на истражување на дизајнот.
Станува збор за голема интернационална кампања посветена на движењето, на која со свои дела учествуваа уметници и графички дизајнери од повеќе земји. Каква беше конкуренцијата, успеавте ли да ги погледнете другите дела?
- Како поминуваше времето, така и самиот повик прерасна во единствена меѓународна кампања. Конкуренцијата беше навистина голема, а во финалната фаза поминаа само 90 плакати, од кои одреден дел се однесуваа и на одбележувањето на Вкхутемас - Руската државна техничка школа за уметност. Престиж е да се биде дел од таква манифестација, а посебно во вакви околности. Уште од самиот почеток на кампањата беше креирана и фејсбук-група каде што можеа да се погледнат сите учесници и плакатите. Аплицирањето беше електронски, а по финалниот избор добив е-порака дека треба да го испратам плакатот испечатен, но искрено, до последно не знаев дека сум влезен во потесна конкуренција. Уште на самиот почеток на нивната фејсбук-страница многу дизајнери го поддржаа мојот плакат, па ме вклучија дополнително на профилот на Баухаус, каде што бројката на поддржувачи стана уште поголема, а финалната одлука ја донесе стручната комисија составена од дизајнери, куратори и уметници. Повторно ќе напоменам, плакатот беше моја лична рефлексија од големината на Оскар Шлемер и Баухаус. Дури и да не добиев награда, ќе бев почестен што сум го одбележал самиот момент.
Какви се трендовите во светскиот плакат?
- Плакатот отсекогаш бил на границата на постоење и исчезнување како ликовна форма. Но како применета форма, дури и еволуирал низ времето, вметнувајќи се во разни медиуми, дисциплини - комерцијални, идеолошки или општествени. Што се однесува до трендовите, сметам дека тие се минливи. Тие обработуваат само визуелен контекст, кој е краткорочен, за сметка на оној што носи длабоки уметнички вредности, па дури и едуцира. Она што ме прави особено горд е дека сѐ повеќе манифестации и организации работат на промоција на плакатот како основна алатка во комуникацијата. Најчесто преку конкурси, повици, како и разни годишни манифестации или биеналиња и триеналиња… Од друга страна, пак, технологијата директно ја наметнува потреба за трендови, поради нејзиниот интензивен прогрес. Паралелно на тоа, развојот на уметникот или дизајнерот треба да прогресира, разбирајќи ги алатките, па наместо создавање нови вистински вредности, се пристапува кон реупотреба или рециклирање на идеите.
Од изложбата во Москва
Како би можеле да ја оцените домашната арт и дизајн-сцена?
- Отсекогаш сум го истакнувал потенцијалот на домашната сцена и силно верувам во нејзиниот интегритет и креативност. Впрочем, сето она што го работам, настрана од моите секојдневни обврски, е промоција на македонскиот дизајн, македонските студенти и дизајнери во регионот и пошироко. Многу ми е драго дека интересот за графичкиот дизајн е огромен, па постојат повеќе курсеви и школи, како и нивото на кое се изучува на неколкуте факултети во Македонија, па младите имаат избор. Веројатно, во еден момент ќе треба да се соочиме и со последиците од тој пораст, но доколку пазарот и сцената бидат соодветно застапени, верувам дека ќе стимулира дополнителен интерес.
Има ли простор за графичкиот дизајн во нашите галерии и музеи, и има ли публика за оваа уметност?
- Во изминативе неколку месеци, кога целиот свет е под посебни мерки поврзани со пандемијата на Ковид-10, имавме можност лично да се увериме дека дизајнот и дизајнерите беа токму инспиратори на промените. Дизајнот беше и ќе остане единствената алатка што директно ќе комуницира и ќе „владее“ со состојбите. По прогласувањето на пандемијата, Обединетите нации прво објавија повик дизајнерите да се вклучат проактивно. Од друга страна, пак, историски гледано, графичкиот дизајн кај нас почесто се користел и се сретнувал низ музеите во социјализмот отколку сега. За да бидам попрецизен во мојот одговор, ќе се обидам да го парафразирам прашањето - дали новава состојба, која генерално влијае врз публиката, ги засегнува и останатите уметности?! Можеби, сето ова ќе нè натера, сите, да се запрашаме како ќе ги обликуваме културните институциите и за кого! Дали истото ќе се однесува и на најмладата публика, која веќе е „препрограмирана“ на дигиталната содржина. Дали дизајнот сега треба да го преземе приматот, бидејќи за него и улицата е доволна, вашиот јутјуб-канал, Фејсбук и сл…
Вие сте и основач на „Плакарт“ и „Скопје постер фестивал“. Што се случува со овие две манифестации?
- „Плакарт“ и „Скопје постер фестивалот“ постојат 13 години и се единствениот фестивал што го третира графичкиот дизајн во Македонија, кој промовирал македонски дизајн на над 50 меѓународни изложби, кој редовно организира бесплатни работилници за студенти, кој секоја година добива по 3.000 решенија од цел свет и е еден од најпочитуваните студентски конкурси во светот. Три години наназад поддршката се намалува. Навистина е потценувачка и многу често нашите партнери ни помагаат со своите контакти да опстоиме. Со гордост можам да кажам дека благодарение на „Скопје постер“, гостувале најголемите дизајнерски ѕвезди од цел свет: Мирко Илиќ, Дејвид Карсон, Јанг Лиу, Гоц Грамлиш, Лех Мајевски, Фонс Хикман, Давор Брукета, Петер Банков, Пула Трокслер, Реза Абедини…
Фото: Боро Рудиќ
Во Вашата биографија стои дека сте и член на одборот на Варшавското биенале на плакат... Како стигнавте таму, кажете ни нешто повеќе за оваа манифестација…
- Членството во Варшавското биенале пристигна како потврда на моите лични заложби да ги унапредувам и промовирам визуелните уметности, културата, културната соработка меѓу двете земји, како и да придонесам за професионално третирање на дизајнот и визуелната комуникација. Дополнително, почесниот претседател на „Плакарт“ е и претседател на организацискиот комитет на Варшавското биенале, проф. Лех Мајевски, со што дополнително ја зацврстивме нашата посветеност. Исто така, „Плакарт“ е член и на Меѓународниот совет за дизајн, најголемото светско тело за дизајн. Извршен директор сум и на Европско-кинеската асоцијација за дизајн и уметност со седиште во Белгија, како и почесен член на Биеналето за дизајн од Боливија.
Бевте и директор на Музејот на современата уметност - МСУ, иницијатор и куратор на голем број меѓународни проекти и изложби... Што Ви донесе ова искуство? И би прифатиле ли повторно слична функција?
- Предизвикот беше навистина многу инспиративен. Посебно ми е драга оваа функција.
Голема чест е да се раководи со институција што има такво богато културно уметничко наследство. Во светски рамки гледано, МСУ е уникатен, не само за периодот и времето кога настанува, туку и поради стремежот за солидарноста и визијата за современоста. Секако, тој е вистинскиот претставник на колективниот идентитет на македонската модерна и современа ликовна сцена, за жилавоста и пркосот за сопствена културолошка идентификација... И покрај тоа што кратко раководев во прилично комплексни политички услови, сепак, заедно со колегите успеавме музејот да ѝ го вратиме на публиката. Оттука искуството е уште подраго, а проектите остануваат во служба на уметноста. Изминативе 2 години се вратив на мојата стара љубов, високото образование. Бидејќи за да раководам со МСУ се откажав од едукацијата, сега одлучив целосно да му се посветам на Факултетот за уметност и дизајн на Меѓународниот балкански универзитет. Чувствувам сериозна потреба да придонесам во обликувањето на новите генерации и несебично ги споделувам моето искуство, знаење и контакти. Верувам дека со зрела младина ќе имаме иднина, па музеите ќе прераснат во музи - инспиратори на новото време, нема да останат празни и ќе пркосат.