X
 19.02.2018 Образование

Ученици го бојкотирале најважниот испит откако им забраниле да мамат


Ученици
(Фото: Pixabay)


Во најнаселената индиска држава Утар Прадеш во тек се годишните испити за учениците. Но, поради новите правила со кои се прават обиди да им се стави крај на сè позачестените мамења на овие важни испити, голем број ученици не се појавија на испитната сесија.

Со поставување камери и присуство на полиција, властите во оваа индиска сојузна држава се обидуваат да ги спречат измамите при полагањето. Затоа, над 10 проценти од учениците во првите денови од одржувањето на испитите одлучија да останат дома, пренесува „Вашингтон пост“.

Повеќе од 660.000 ученици не се појавија на испитот во првите четири дена од годишните испити, кои се најважните за учениците затоа што се предуслов за запишување на универзитетите. „Ако не можат да мамат, тогаш не им се исплаќа ниту да доаѓаат“ – стои во написот.

Но тука и онака нема услови за квалитетно учење и полагање испити. Освен тоа, студентите мора да имаат 99 проценти точни одговори на испитот за да можат да се запишат на поквалитетните факултети. За обичните семејства ова се многу важни испити затоа што единствено така нивните деца можат да се запишат на квалитетни универзитети што по завршувањето ќе можат да им обезбедат добри работи и солидни приходи. Токму поради тоа и последните години се случуваа масовни измами на испитите, кои властите ги именуваа како „организиран криминал“. Наместо да се обидат да ги подобрат условите за школување, властите се одлучија приоритет да му дадат на елиминирањето на измамите по секоја цена.

Училиштата во Утар Прадеш, како и во остатокот од Индија, често немаат доволен број вработени. Недостигаат учители и професори, а учењето не е квалитетно, туку се базира на учење напамет. Во руралните средини состојбата е уште полоша, па во училиштата нема струја, а има недостиг и на учебници и на школски помагала. Има примери и каде што училиштата немаат тоалети, ниту вода.

Сепак, и покрај новите правила против мамењето, една професорка им ги диктирала точните одговори на учениците што полагале, пишува „Вашингтон пост“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование