X
 01.03.2018 Култура

Што сѐ е неопходно за да се добие најпрестижното холивудско признание?


Оскари 90 издание
(Фото: Oscars.org)


Годината зад нас, најблаго речено, беше невообичаена за Холивуд: полна со скандали, борби за човекови права, отпор и гласници на револуции. Но, без сомнение Академијата ќе ги слави филмовите и многубројните впечатливи улоги од минатата година.

Критериумот за добивање „Оскар“ е едноставен – ако ја сакате оваа статуетка и нејзината важност во филмските кругови, направете филм што обработува актуелни теми и се однесува на моментот во кој се наоѓа глобалното општество.

Со оглед на тоа што годинашното издание е јубилејно - деведесетто доделување на овие награди, а следува по еден превирачки период, првата дилема е како водителот на ова издание, Џими Кимел, ќе се носи со сите актуелни скандали и вестите што се влечат потоа, па сè до тоа дали церемонијата ќе биде во насока на прославување на филмската уметност и индустрија или, како и на доделувањата на „Златен глобус“, учесниците ќе заземат активна улога во општествените прашања.

А еве кои филмови се на листата со потенцијални добитници на „Оскар“ за 2018 година:

Првиот во низата е филмот „Get out!“ – мало хорор ремек-дело кое достигна до рецепторите на публиката обработувајќи сè уште болна и непресушна тема, а тоа е статусот и предизвиците на Афроамериканците во САД.

По него следува филмот „The big sick“ на Мајкл Шоултер, кој пристигнува како нарачан во време кога американската јавност се справува со случајот на здравствената нега и осигурувањето, одново нешто далечно и недостижно за огромен број државјани во оваа земја. Освен тоа, филмот ги потегнува прашањата за расизмот и дискриминацијата на малцинствата во Америка денес.

Потоа тука е најспоменуваниот филм „Three billboards outside Ebbing, Missouri“ на Мартин Мекдона, кој ги сервира прашањата за положбата на жената во современиот свет и кој најдобро го отсликува расположението меѓу женскиот дел од филмската индустрија (според зборовите на еден продуцент, кој не работел на филмот).

Неодминлива тема повторно е сексуалноста, конкретно онаа што на повеќе нивоа е табуизирана, а оттука и потребата да се зборува за неа низ различни медиуми, па и низ најмоќниот – филмот. Овој пат гласот на ЛГБТ-заедницата го позајмува филмот „Call me by your name“.
„The Florida project“ на Шон Бејкер, пак, се фокусира на класните разлики и нерамноправноста, како и на економската маргинализација. И конечно, „The post“ на Спилберг со омилената ѕвезда на Холивуд, Мерил Стрип, во преден план го поставува прашањето за новинарската струка и контрадикторното известување, само навидум сместено во 1971 година, а впрочем вперено кон 2017 години.

Во трката за престижната награда одлучуваат и критериумите зад кулисите, односно – контекстот што ги следи кандидатите зад киното, т.е. маркетиншката кампања зад филмското платно.

Меѓутоа, Холивуд полека, но сигурно се менува. Повеќе од 25% од гласачите (приближно 2000) ѝ пристапија на Академијата дури по 2014 година, што е доволно неодамна за да биде важно. Тој дел е многу поразновиден според етничкото, културолошкото и секое друго ниво, така што би можело да го надвладее традиционалниот, одлучувачки дел на манифестацијата.

Сите услови да гледаме поинакво доделување на „Оскарите“ се исполнети, па да видиме дали очекувањата ќе ни се потврдат.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура