X
 20.03.2020 Образование

Македонија одбележува еден век инженерство

За да се стане инженер, потребно е многу повеќе од разбирање на учебниците, потребна е аналитичност, преточена во способност за решавање проблеми

Македонија одбележува сто години инженерство, од основање на првото македонско здружение на инженери и архитекти. По предлог на Асоцијацијата на здруженија на инженерите – Инженерска институција на Македонија, 21 март стана дел од Програмата за обележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Македонија за 2020 година.

Историските документи со кои располага Инженерската институција на Македонија велат дека првото главно годишно Собрание на инженери и архитекти од областа на Скопската градежна дирекција е одржано на 21 март 1920 година, кога е основано самостојно Здружение на југословенските инженери и архитекти – Секција Скопје.


Проф. д-р Христина Спасевска

- Ова е навистина значаен јубилеен датум за инженерите, за инженерството и за Инженерската институција на Македонија. Одбележуваме 100 години од организираното дејствување на професија што ја гради нашата држава, носителка е на технолошкиот развој и игра клучна улога во подобрување на животот на граѓаните. Затоа, јубилејот го одбележуваме со слоганот „Еден век партнерство за одржлив развој - вели професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија.

Во логото за обележување на стогодишнината се содржат знаците за одржлив развој и одговорна потрошувачка и производство, согласно целите на Обединетите нации и настојувањата Инженерската институција на Македонија да се посвети на глобалните стремежи.

Како дел од обележувањето на овој јубилеј, Инженерската институција на Македонија издаде монографија, во која е запишано:
„Славејќи го овој голем јубилеј, должни сме да го пренесеме гласот кој вели дека за да се стане инженер, потребно е многу повеќе од разбирање на учебниците, потребна е аналитичност, преточена во способност за решавање проблеми. Да се биде добар инженер, значи постојана верба помеѓу сонот за изгледот на твојот проект и неговата едноставност за вистинска употребна вредност. И за да се постигне инженерско мајсторство, треба стекнатото искуство да им се пренесе на помладите колеги затоа што без тоа сè што си постигнал, макар да си направил и грандиозни дела, низ времето ќе исчезне“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование