X
 02.03.2018 Технологија

Дали вака изгледа светот на интернет генерациите?

Кога би постоела временска машина која би не вратила 25 години наназад, би ни биле потребни месеци и години за да се снајдеме и почнеме нормално да функционираме. Нема да има интернет пребарувачи, најобичните информации ќе мора да ги бараме со часови и недели, наместо електронската пошта со еден клик, ќе користиме исклучиво поштенски услуги или факс, ќе комуницираме преку фиксен телефон, секако ако двојникот не ни ја „држи“ линијата зафатена...
За да напишеме домашна или факултетски труд ќе ни треба членска карта и недели поминати во библиотека и читална, а во хартиениот именик со контакти ќе имаме запишано еден или два телефонски броја од каде ќе можеме да ја нарачаме омилената пица, а за достава ќе треба да чекаме и повеќе од цел час.
Кога нашите деца ќе бидат излезени на роденден или во дискотека ќе чекаме да се вратат и нема да можеме да им вртиме на телефон на секој половина час, ниту да им пишеме на Вибер прашувајќи ги кај се и што прават во моментот.



Телефонските сметки ќе бидат многу високи за домашниот буџет, а децата ќе имаат редовни забрани за долги и „непотребни“ телефонски разговори. Нема да постои Фејсбук месинџер или Ватсап преку кој тие ќе можат да се допишуваат, прашуваат што се работело на часовите ако биле отсутни, ниту „евтино“ да се договараат каде и кога ќе се најдат за дневното или вечерно излегување.
Нема да можеме во секоја секунда да ја преслушаме омилената песна или изгледаме најновата серија, туку ќе си бидеме претплатени во видеотеките, а на сниманите аудио касети и по некое ЦД ќе ги преслушуваме истите хитови. И да, ќе чекаме да дојде викенд за да изгледаме само една епизода од омилената ТВ серија.
Ќе нема можност за онлајн нарачки на облека, шминки, додатоци за телефони, ниту за прегледување каталози или купување преку интернет на нов мебел или бела техника.



Сепак, едно е сигурно, многу повеќе време ќе поминуваме уживајќи во разговорите едни со други, а виртуелните четувања ќе бидат заменети со многу кафе пиења и вкусни дружења на гости.
Но, временска машина не е измислена, ниту постои можност за враќање назад во времето. Реалноста во која денес живееме е сосема поинаква. Интернетот е средиштето околу кое се случува сè, а социјалните медиуми и онлајн комуникацијата неосетно ни го освои целиот простор.
Добивме многу привилегии, заштедивме многу време, но се чувствуваме многу поуморни, позафатени и полошо организирани од порано. Зошто е тоа така? Веројатно одговорот е во фактот што не го прифаќаме новото време и постојано го посакуваме минатото, а со самото тоа нецелосно ги користиме придобивките кои ни ги нуди дигиталната глобализација.
Но, овие дилеми воопшто не ги мачат помладите генерации, а децата кои денес се раѓаат нема да можат ниту да не сфатат кога ова ќе им го раскажуваме. Веројатно овие наши дилеми и „проблеми“ ќе им изгледаат чудно и смешно.
Новите генерации денес работат и заработуваат преку интернет. Овие генерации се борат во конкуренција со млади од целиот свет, но секој го наоѓа своето место. Интернет генерациите знаат и како да ги искористат социјалните медиуми за да ги промовираат своите таленти уште од најмала возраст. Основаат фирми и стар-апи, го користат интернетот за нивна промоција, аплицирање за проекти и имаат неверојатни ИКТ вештини. Снимаат видеа, музикалните пејат, талентираните сликаат или фотографираат...
Затоа тие нема да можат да разберат што е она што ни недостасува во опишаното на почетокот на оваа колумна. И ако ме прашате мене, нема ни потреба за такво нешто. Секоја генерации има свое време, но и свое детство.
А, кога зборуваме за детството на интернет генерациите, постои една одговорност од која ние како родители и возрасни никако не можеме да побегнеме и да се апстрахираме. Тоа е да ги насочиме децата во онлајн просторот и да ги заштитиме од ризиците со кои можат да се соочат кога се пред компјутер.



На оваа тема имам пишувано многу, па во оваа прилика просторот за препораки ќе го отстапам на оние кои вложуваат во развојот на софтверски решенија за поддршка на родителите и заедничка акција за онлајн заштита на децата – мултинационалната компанија за интернет безбедност Касперски.
Истражувачкиот центар на компанијата која во 2016 година на светскиот пазар го пушти во употреба софтверот за родителска заштита „Kaspersky Safe kids“ (линк) ги дава следните 5 препораки за сите родители:
Блокирајте ги несоодветните веб страни. Како што голем дел од родителите се информирани, не сите веб страници кои се достапни во интернет просторот се kids-friendly, односно имаат содржина прилагодена за детската возраст. Тие решението го нудат во софтверот за „родителска контрола“ со кој може да се ограничи пристапот до вакви содржини. Ова ќе води до безбедно пребарување на интернет и блокирање на несоодветните содржини за децата. Истовремено, ваквиот софтвер им дава информација на родителите за интернет сообраќајот за да бидете сигурни дека сте целосно свесни за тоа што детето секојдневно го прави на Интернет.
„Не разговарајте со непознати“. Како што постојат негативни појави и криминал во реалниот живот, тоа се случува и во интернет просторот. Може да биде забавно за вашето дете да ја игра најновата онлајн игра со пријателите или да комуницира со нив преку чат (chat) апликациите. Но, во овие виртуелни простории за разговор, исто така, може да се кријат компјутерски криминалци со цел да извлечат или да ги поттикнат децата да даваат лични податоци. Овие информации потоа можат да се искористат за кражба на вашиот идентитет, но и пари. Покрај почитување на претходната препорака, од компанијата ги препорачуваат софтверите за целосна интернет безбедност, како што е Kaspersky Total Security, кои помагаат и превенираат децата да испраќаат чувствителни информации, како што се детали за банкарска сметка, имиња и адреси, преку чат (chat) и месинџер апликациите.



Спречете онлајн насилството врз децата. На некои веб страни за онлајн игри, дел од гејмерите едноставно ги малтретираат и омаловажуваат другите играчи. Овие се познати како „cyberbullies“ или сајбер-насилници. И покрај фактот што администраторите на игрите се борат да ја спречат оваа појава, сепак не постои начин тоа целосно да се направи. И во овој случај, софтверите за „родителска контрола“ можат да помогнат во овој процес. Тие работат на начин што мониторираат со кого вашето дете разговара онлајн и им овозможуваат на родителите да ги блокираат непосакуваните контакти. Со овие софтвери може да добивате и известувања кога некој наведен збор ќе се искористи во онлајн комуникацијата на детето.

Заштитете се од вируси. Сајбер-криминалците се свесни дека децата бараат слободен софтвер, музика и игри. Тие, исто така, знаат дека децата имаат поголема доверба и склоност кон отворање на линкови и прилози (attachment). Ако детето, макар ненамерно, кликне на некој банер/онлајн реклама, може да „закачи“ вирус кој не само што ќе го загрози неговиот/нејзиниот компјутер, туку и целата мрежа. Лабораторијата како најдобра заштита препорачува инсталирање на пристоен пакет за интернет безбедност како Kaspersky Total Security кој ги блокира небезбедните врски и ги заштитува сите преземања од злонамерен софтвер.
Безбедноста на децата е на прво место! Секако, ништо не го заменува родителското присуство кога станува збор за безбедноста на децата на интернет. Едноставно, разговорот со вашите деца може многу да помогне - да ги подучите да не кликаат автоматски на копчињата „да“ или „прифаќам“ и да си се држат настрана од било какво недозволено однесување на интернет, интернте насилство или сајбер-криминал. Но, на крајот на краиштата, децата имаат потреба во дел од денот од онлајн игри и забава. Заедничка цел и интерес на родителите и софтверите за интернет безбедност е да ги заштитат децата во интернет просторот.

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија