Институтот за култура и уметност при Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ од Свети Николе – Битола распишува
КОНКУРС
за најдобри средношколски есеи на следниве теми:
• „Иднината на човештвото. Кој ќе победи во оваа трка?“
• „Технологијата – меч со две острици? Колку далеку можеме да одиме?“
• „Иднината е во онлајн образованието“
• „Најлошата песна во светот“
• „Сите учиме едни од други“
• „Мојата визија“
• слободна тема по избор на авторот
Бараме оригинални есеи. Искрени, сатирични, духовити, храбри, креативни, интелигентни, емоционални, визионерски… Баш такви есеи какви што сакате да напишете! Есеи што навистина можат да ги отсликаат средношколските размислувања.
Насловите на темите се дадени само како насоки за авторот. Може да давате аргументи за и против, може да се согласувате и да не се согласувате со дадените теми. Во оформување на идејата (и колку апстрактна таа ќе биде) можете да имате целосна слобода. Важно е да се чувствувате слободни и сигурни во тоа што го пишувате.
1. Кој може да се пријави?
На конкурсот можат да учествуваат сите средношколци од Република Македонија со неограничен број на есеи.
2. Кои услови треба да ги исполнува есејот?
Есејот треба да биде напишан на македонски или англиски јазик и да ги исполнува следниве услови:
• да биде напишан на една од дадените теми
• да биде подготвен како MS Office Word документ (.doc или .docx) – А4 формат
• да не надминува 700 зборови
• фонт Arial (со македонска/кирилична поддршка);
• маргини: лево, десно, горе и долу по 20 mm
• да не биде навредлив кон ниту една етничка заедница, ниту смее да содржи говор на омраза базирано на раса, религија или пол
3. Освен есејот, дали е потребно да се достават дополнителни информации?
Потребно е на првата страница, пред почетокот на есејот, истакнати следниве податоци:
• име и презиме на авторот
• датум на раѓање на авторот
• име на училиштето и место
• адреса и место на живеење на авторот
• телефонски број на авторот
• адреса за електронска пошта на авторот
4. До кога најдоцна треба да се испратат материјалите?
Конкурсот ќе трае од 20 февруари до 1 мај 2018 година. Материјалите може да се доставуваат во овој период, вклучувајќи го и 1-ви мај 2018.
5. Каде се испраќаат материјалите?
Есеите можете да ги прикачите во електронската пријава која е дадена на оваа страница.
6. Награди
Предвидени се специјални награди за
• Прво место: Златна плакета, лаптоп, комплет книги и стипендија* во висина од 300 евра.
• Второ место: Сребрена плакета, таблет, комплет книги и стипендија* во висина од 200 евра.
• Трето место: плакета, комплет книги и стипендија* во висина од 100 евра.
За сите останати учесници ќе бидат подготвени подароци и сертификати за учество на конкурсот.
*Стипендијата се добива еднократно и само доколку ученикот одлучи да се запише на еден од факултетите при МСУ. Истата може да се искористи само како попуст од вкупната партиципација за студирање. Наградите не можат да бидат заменети со парични средства.
7. Критериуми
Важно е есејот да ги задоволува техничките барања кои се наведени во конкурсот. Ова ќе биде првата фаза на елиминација.
Сите есеи што ќе ја поминат првата фаза ќе бидат оценувани од страна на комисијата според следниве критериуми:
• оригиналност, иновативност
• стил и начин на изразување
• добро организиран есеј со соодветна содржина и структура
• разбирање на темата за која се пишува
• јасна цел, добро аргументирање и конкретни примери
• граматика и интерпункција
8. Објавување на резултатите
Резултатите ќе бидат објавени на оваа страница на 21 мај 2018, најдоцна до 12:00 часот.
9. Доделување на наградите
Наградите ќе бидат доделени на посебна свеченост која ќе се одржи на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Св. Николе на 24-ти мај во 12:00 часот. Сите ученици кои имаат испратено есеј ќе добијат покана за доделувањето на наградите.
Истовремено ќе се одржи и промоција на публикацијата насловена „Средношколски размислувања“, каде ќе бидат објавени сите успешни есеи од конкурсот.
Имате прашања?
За дополнителни прашања обратете ни се на следнава електронска адреса:
esei@msu.edu.mk