Во над 80 проценти од македонските училишта кои лани биле евалуирани од Државниот просветен инспекторат утврдено е дека хидрантите не им биле во функција, а ПП апаратите не биле сервисирани навремено.
Неприлагодена настава за децата со посебни потреби, недоволно учество на ученички натпревари, нередовност на средношколците, но и нефункционални кабинети, како и застарени и нефункционални компјутери се само дел од слабостите кои ги воочи Државниот просветен инспекторат лани во образовните институции.
Во извештајот за квалитет на воспитно- образовниот процес за учебната 2016/17 година, пишува дека инспекторите констатирале слаби и силни страни во неколку подрачја.
Средношколците многу бегаат од часови, а не одат на натпревари
Кога се во прашање наставните планови и програми слабости се пронајдени во средните училишта, но и кај основните. Кај над 60 отсто од средните училишта проектните активности и слободните часови не се во насока на проширување на знаењата на учениците од струката. Средношколците исто така слабо учествуваат и на ученички натпревари. Над 60 проценти од наставниците во предметна настава, како и наставниците во средни училишта не ги прилагодуваат планирањата за учениците со посебни образовни потреби.
Постигањата на учениците исто така се проблематични.
Иако училиштата редовно прават анализи за постигањата на учениците, тие не се користат за подобрување на процесот на учење и работата на наставниците, како и за подобрување на постигањата на учениците. Како голем недостаток, инспекторите ја издвојуваат нередовноста на учениците во средните училишта.
Хидрантите не се во функција, ПП апаратите не се сервисираат
Како слаби страни во наставата и учењето, инспекторатот ја посочува дополнителната и додатната настава, која се планира, но недоволно се реализира во училиштата. Проблем е и инклузијата, односно учениците со потешкотии не се доволно вклучени во наставата. Констатирано е дека е потребна поголема поддршка на наставниците за поквалитетен пристап со учениците кои имаат потешкотии.
Во над 80 проценти од училиштата, хидрантите не се во функција, а ПП апаратите не се сервисирани навремено. Исто толкав број од училиштата не се осигурени, па од инспекторат советуваат да има поголема соработка со основачите.
Просветните инспектори забележале и дека во поголемиот број училишта постапката за советување на родителите и учениците не се спроведува согласно предвидените чекори од законската и подзаконската регулатива.
Нефункционални кабинети поради недоволно нагледни средства, спортски реквизити и помагала за реализирање на сите наставни содржини, како и застарена и оштетена ИКТ опрема која се користи во наставниот процес, има во голем дел на училишта.
- Во дел од руралните средини наставата сѐ уште се реализира од страна на несоодветен наставен кадар – забележале инспекторите.
Согласно законската регулатива, интегралната евалуација во училиштата се врши на секои три години. Инспекторите вршат контрола после шест месеци за да проверат дали се спроведени препораките. Во текот на учебната 2016/2017 година се спровеле вкупно 162 интегрални евалуации од кои 115 во основни и 33 во средни училишта.