Денес на Бали нема да има мобилни интернет услуги бидејќи провајдерите ќе ги исклучат услугите цел ден за да го одбележат „Денот на тишината". Согласно античкиот балиски календар, денес е Нјепи или Нова Година. Ова е свет ден на размислување на островот каде мнозинството од населението се хиндуисти. Меѓународниот аеродром, исто така, ќе биде
затворен.
Фото: Interesting Engineering
Оваа година властите побараа од телекомуникациските компании да се исклучат, а фирмите од Бали ветија дека ќе се придржуваат кон ова барање. Граѓанските и верските групи поднесоа жалба и планот беше објавен по состанок во министерство во Џакарта. Истото барање беше одбиено минатата година. Затоа, ова ќе биде прв пат интернет услугите да бидат исклучени во Бали за Нјепи.
Сепак, во хотелите ќе има WiFi. Службите како безбедносни, авијациски, агенции за катастрофи или болниците, кои се од витално значење, ќе имаат интернет. Не се знае дали интернетот на приватните резиденции исто така ќе биде исклучен. Телефонските разговори и СМС пораките нема да бидат прекинати.
Индонезија има повеќе од 132 милиони активни интернет корисници и со тоа е една од најповрзаните нации на светот. Околу 29 отсто од населението во земјата пристапило на интернет преку мобилен телефон минатата година.
Исклучувањето на Интернет услугите во текот на Нјепи се смета за знак на почит, бидејќи Нјепи е време кога луѓето од Бали се очекува да бидат тивки, да размислуваат и да се воздржат од работа и патување. Според претседателот на Индонезиското здружение за хиндуизмот Густи Нгура Сујана, многу хиндуиси се зависници од гаџети.
-Ако интернетот е исклучен, луѓето нема да умрат. Јас ќе ги исклучам гаџетите за време на Нјепи - истакна Маде Пастика, гувернер на Бали.
Во деновите пред Нјепи, тамошните жители изведуваат традиционални ритуали за да се прочистат. Се одржуваат драматични церемонии. На самиот ден, набљудувачите ги почитуваат четирите забрани, а тие се: нема оган, нема патување, нема активност и нема забава. Жителите веруваат дека духовите одат околу островот на Нјепи. Затоа луѓето мора да молчат и да избегнуваат палење оган. Тие дури треба да се воздржат од вклучување на светлата, за да не ги привлекуваат демоните. Денот по Нјепи се смета за Нова Година.