Дигитален номад може да биде секој што има авантуристички дух и сака да побегне од секојдневието и да си дозволи да искуси нешто поразлично од обично патување или живеење во една држава со работно време од 9 до 17. Најголема предност што ја уживаме е дефинитивно слободата, која притоа е една од моите најголеми лични вредности. Немам зборови со кои можам да го опишам чувството да не си врзан буквално на ниедна локација и да не знаеш утре каде ќе завршиш, споделува Стефанија Дејановиќ
Дигитални номади се ликови кои работат од каде што сакаат на планетата Земја и најчесто патуваат и ја менуваат локацијата на работа. Или подобро речено, додека работат, истовремено патуваат и уживаат во откривање нови култури и дестинации. Тие често работат во кафулиња, заеднички работни места или попознати како „коворкинг места“ или јавни библиотеки. И, секако, нивната работа најчесто е онлајн, на компјутер, или од телефон и има флексибилно работно време. Најчесто тоа се програмери, графички дизајнери, писатели, дигитални маркетинг-агенти, копирајтери, илустратори, нутриционисти, фриленс новинари...
Со оглед на тоа што 34% од дигиталните номади работат 4-5 дена во неделата надвор од канцеларијата, дигиталниот номадски начин на живот може да биде возбудлива авантура. А авантурата може да биде една од најдобрите мотивации за работа.
Повеќе време за себе и за работите што ги сакате
Многубројни се придобивките од номадскиот начин на работа, поголема е продуктивноста, добивате поголема креативност, не губите време затоа што секој ден ви е максимално искористен во откривање нови хоризонти, околината ве мотивира побрзо да ја завршите работата и да се посветите на слободното време, на хоби, хедонизам. Постојаното патување на нови места ве турка надвор од вашата комфор-зона. Ве прави поотворени за нови искуства во иднина. И ќе имате повеќе време да се посветите на работите што ги обожавате.
Дека има многубројни придобивки од овој алтернативен начин на живот, потврди Стефанија Дејановиќ, која веќе го има искусено.
- Овој тип на долго патување ми беше план уште кога почнав на факултет и станав дел од една студентска меѓународна организација, каде што почнав да комуницирам со студенти од Европа и од цел свет, и некако тогаш ми стана реално дека планетава Земја колку и да е голема, од запад до исток, не е невозможно да се пропатува и да се истражи. Тој сон го претворив во цел и сите краткорочни цели и одлуки околу професија, кариерен пат, работа и слично ми беа во согласност со големата цел - еден ден, порано или подоцна, да имам вакво животно искуство - да патувам каде сакам и кога сакам, колку што сакам. Секако, морав да бидам многу трпелива и да играм паметно во одредени моменти. А идејата за Бали и Непал произлезе неколку години подоцна кога почнав да вежбам јога, да истражувам и да читам повеќе за духовноста, источните филозофии и начин на живеење и знаев дека тоа се местата што ми се први на листа за надвор од Европа - споделува Стефанија.
За секој со авантуристички дух
Според неа, дигитален номад може да биде секој што има авантуристички дух и сака да побегне од секојдневието и да си дозволи да искуси нешто поразлично од обично патување или живеење во една држава со работно време од 9 до 17.
- Секако, тука има многу други фактори, но желбата и внатрешниот порив се клучни. Најголемата предност што ја уживаме е дефинитивно слободата, која притоа е една од моите најголеми лични вредности. Немам зборови со кои можам да го опишам чувството да не си врзан буквално на ниедна локација и да не знаеш утре каде ќе завршиш. Дали на друг остров, друг град, друго село или држава, важно е само да имаш интернет и да се појавиш утредента на состанок. Други предности што би ги напоменала се животното искуство, лекциите и растот, со кои се здобиваш во секојдневието преку соочување и надминување на различни предизвици, особено доколку си во подалечна земја со сосема различна култура, народ, јазик и сл. Понатаму, запознавањето луѓе од цел свет, авантури, вмрежување и поврзување со бизниси и претприемачи од различни земји.. - посочува Дејановиќ.
Менаџирањето на времето е постојано на тест
Таа работи како UX/UI дизајнер, со што самата работа ѝ дава целосна слобода и флексибилност.
- Денот генерално ми почнуваше или со трчање или со јога, утринско кафе со добра книга и пишување или цртање. Без разлика на тоа какви обврски имам во текот на денот, гледам секое сабајле да одвојам 2-3 часа за себе. Со оглед на разликата во временските зони со Европа, секако почнував подоцна со работа, а навечер излегував најчесто на настани за дигитални номади и сл. - споделува Стефанија.
Кога ја прашавме за искуството на Бали, рече дека може три дена да зборува.
-Немам зборови со кои би можела да го доловам целото искуство. Бали е прекрасен остров, рај за дигитални номади. Единствено нешто што многу ми фалеше беа планините во Македонија, а најмногу Водно, секако првин фамилијата и пријателите.
Тешко ми беше да се навикнам на тропската клима и влажноста на воздухот, особено кога трчав, а и на тоа дека некогаш имав состаноци во 8/ 9 навечер, но по некое време сѐ ми стана поедноставно. На почетокот ми беше предизвик затоа што сакав и да трчам, и да читам книги, и да работам, а нормално и да шетам и да истражувам. Но, со добар план на неделно и дневно ниво, распределба на секојдневните обврски и дневен распоред, сѐ се постигнува. Имав денови кога работев повеќе, чистев, готвев за неколку дена за да сум послободна следните денови за да шетам повеќе. Менаџирањето на времето е постојано на тест, 24/ 7. Покрај тоа, важно е и да си дисциплиниран и да го почитуваш планот - изјавува Стефанија.
Според неа, најдобри и најпопуларни места за дигитални номади во Азија се Бали, Тајланд (Бангкок, Чанг Маи, Пукет...) и Виетнам (Ханои, Хо Чи Мин).
- Како главни причини за дигиталните номади овде би ги издвоила трошоците, кои се далеку пониски од Европа или Америка, природата и стилот на живеење - посочува Дејановиќ.
Во комфор-зоната нема забава и раст
На своето патување тргнала сама, а секако таму запознала многу луѓе, како странци така и локалци.
-На вакви места е прелесно да запознаeш нови луѓе затоа што сите се пријатни и отворени за комуникација и дружба. Ова искуство како дигитален номад ме научи на безброј лекции, но ќе издвојам неколку:
-Повеќе да ги ценам и да им се радувам на секојдневните и обични моменти во Македонија - моментите со фамилијата и другарите, трчанка на кеј со дечките од клуб, хајкинг-тура, па дури и сретнување некој познат на улица.
-Сѐ е возможно и остварливо, само треба да ги тргнеме/избришеме границите што сами си ги поставуваме во умот и да веруваме во себе.
-Сѐ започнува од нас. За да можеме да ги сакаме, цениме и почитуваме другите, треба првин да се сакаме, цениме и почитуваме себеси.
-Во комфор-зоната нема забава и раст. Без разлика на тоа какви стравови имаме, секој треба доволно да се запознае себеси за да открие на кој начин може да го надмине стравот од нови, непредвидливи и непознати работи. Верувам во тоа дека ништо не е толку страшно како што ние може да си го „инсценираме“.
-Со добар план и распоред, имаме време за сѐ.
-Само вистинските пријатели се тие што остануваат со тебе без разлика колку и да сте физички далеку.
Дејановиќ додава дека годинава сака да се фокусира повеќе на трчање и планинарење, вклучувајќи тури и трки низ Европа, на Алпите, Доломитите и сл.
- Имам желба за патување и посета на неколку држави во Африка, ама тоа би го оставила за следна година. А генерално, сонот и долгорочните планови и желби ми се да одам во Америка (Колорадо, Невада, Јута), Јужна Америка (Бразил, Аргентина, Колумбија) и повторно во Канада, но сѐ во свое време - споделува Стефанија.
Фото: приватна архива