X
 20.03.2018 Образование

Кој ќе може да биде професор во Математичко-информатичката гимназија?

Предност при избор за истакнати стручни лица ќе имаат кандидатите што се избрани во наставно-научни звања на соодветната област на високообразовните установи во земјава.


Фото: Pixabay

Предлог-законот за формирање Математичко-информатичката гимназија влезе во собраниска процедура. Како што претходно пишуваше Факултети мк., од септември следната година во Скопје ќе се отвори нова гимназија каде што ќе се запишуваат најдобрите ученици по математика и по информатика, кои ќе работат по специјално изготвени наставни планови и програми.

Според предлог-законот, во оваа гимназија нема да може секој да биде наставник, а покрај стручни соработници (педагог и психолог), на учениците ќе им предаваат и истакнати стручни лица од соодветната област што ќе се изучува во гимназијата.
Освен стандардните услови согласно Законот за средно образование, истакнатите стручни лица што ќе предаваат во гимназијата треба да исполнуваат и најмалку еден од следните услови: да  бил ментор на ученик кој бил награден на престижен меѓународен натпревар од соодветната област, да е запишан на докторски студии на соодветната област или да има стекнато научен степен доктор на науки на соодветната област.
Предност при избор за истакнати стручни лица ќе имаат кандидатите што се избрани во наставно-научни звања на соодветната област на високообразовните установи во земјава.

Од Министерството за образование и наука брифираат дека гимназијата ќе биде сосема нов објект, но сѐ уште не се открива во кој дел на Скопје ќе биде лоцирана. Дополнително ќе се одлучува и колку ученици ќе може да се запишат. Она што е познато е дека ќе се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, се стекнале со општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение во основното образование и со оценка 5 (пет) од наставните предмети математика и физика од шесто до деветто одделение во основното образование. Сите ученици ќе полагаат приемен испит со кој ќе им се проверат знаењата за математика и за физика.
Подготвил: М.А.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование