Фото: Getty Images
Дали руското државјанство е вашата иднина?
Руските власти во последните години работат на тоа процесот на поднесување барање за руско државјанство да биде многу полесен. Посебен статус имаат поранешните државјани на СССР, луѓе што зборуваат руски јазик, инвеститори, високо квалификувани професионалци и талентирани млади луѓе. На почетокот од март претседателот Владимир Путин изјави дека државата е подготвена на секој можен начин да им го олесни престојот на странските студенти, така што ќе им биде полесно да поднесат барање за добивање руско државјанство.
Што е потребно за добивање руско државјанство? Пред поднесувањето на барањето мора да имате престојувано во земјата барем пет години, да зборувате руски јазик, да ги знаете основните историски случувања и да дадете заклетва за верност кон Русија.
Колку луѓе сакаат руски пасош и зошто?
Според министерството за внатрешни работи на Русија, во 2017 година дури 265.319 странски државјани добиле руско државјанство. Месечно, во просек околу 22.000 луѓе. Тоа е благ пораст во споредба со 2016 година.
Последните неколку години меѓународните ѕвезди и спортисти (Стивен Сегал, Марио Фернандез) добиваат руски пасош. Некои тоа го направиле поради љубов кон Русија, додека други барале нови можности за продолжување на кариерата. Се чини дека тоа е популарен мотив и за обичните луѓе.
„Ја избрав земјата во која можев да се преселам по завршувањето на студиите и максимално да ги искористам моите способности“, вели една млада жена од Литванија.
„Европските земји не ми се привлечни поради локалниот менталитет, а и животот таму е прилично скап“, додава таа.
Девојка од Украина што студира кинески јазик исто така смета дека Русија нуди повеќе можности за професионален развој.
„Кога сум во Москва, опкружена сум со луѓе кои се поуспешни, попаметни и поактивни - тоа ме мотивира да се развивам. Знам дека во Москва ќе пронајдам работа поврзана со Кина“, вели таа.
Задолжителна проверка на познавањето на јазикот
Пред поднесувањето барање за руско државјанство, од странскиот државјанин обично се бара да добие привремена дозвола за престој.
За сите што бараат руско државјанство се применуваат следните барања:
- Личноста мора да има престојувано на територијата на Русија барем пет години од моментот на добивање дозвола за престој;
- Личноста мора да се откаже од своето постојно државјанство;
- Личноста не смее да има криминално досие и мора да ги почитува законите на земјата;
- Мора да зборува руски јазик;
Освен тоа, потребна е и медицинска потврда за здравствената состојба која се добива во одобрен медицински центар.
За привремената дозвола за престој, мора да се докаже познавањето на рускиот јазик, историјата и руските закони. За државјанството, пет години подоцна, повторно и подетално ќе се проверува познавањето на рускиот јазик.
Некои кандидати може да бидат ослободени од ваквите испити: граѓаните на Белорусија, луѓето со инвалидитет, малолетните, мажите постари од 65 и жените постари од 60 години, високо квалификувани експерти и нивното семејство и оние што можат да докажат извонредно познавање на рускиот јазик.
Фото: TASS
Постои полесен и пократок начин
Во некои случаи странските државјани што бараат руско државјанство не чекаат пет години за да поднесат барање. Тие што спаѓаат во некоја од овие категории можат да поднесат барање по една година престој во Русија со дозвола за престој:
- Личности со извонредни достигнувања во науката, технологијата и културата;
- Личности што имаат стручни квалификации што се барани во Русија;
- Личности што добиле политички азил во Русија;
- Личности кои рускиот закон ги признава за бегалци;
Постои и посебна, поедноставна постапка што го намалува времето потребно за донесување одлуки, од година дена на 3 до 6 месеци за оние што:
- Имаат статус „руски говорник“ (живеат во странство, но дома зборуваат руски и сакаат да се преселат во Русија);
- Родени се во Советскиот Сојуз или имале државјанство во СССР;
- Имаат родители што се руски државјани и живеат во Русија;
- Повеќе од три години се во брак со државјанин на Русија;
- Имаат дете со руско државјанство;
- Инвеститори се со повеќе од 10 отсто од акциите во руска компанија со капитал од најмалку 100 милиону рубли;
- Високо квалификувани експерти што работеле во Русија подолго од 3 години;
Оние што служат во руската војска по договор исто така може да поднесат барање за државјанство по нова поедноставна постапка. Мораат да се откажат од постојното државјанство, да докажат дека знаат
руски јазик и да добијат потврда од раководството на војската. Дозвола за престој не е потребна.