Руската вселенска агенција „Роскосмос“ потврди дека планира да печати структури на Месечината со помош на технологија за 3Д-печатење. Планот е да се користат материјали од Месечината, на пример реголит - карпест материјал кој ја покрива површината на Месечината.
Портпарол на „Роскосмос“ истакна дека во програмата на Русија ќе има конструкција на големи структури со употреба на адитивни технологии и локални ресурси.
Идејата не е само да се направат структури наменети за астронаутите. Програмата исто така разгледува начини за опремување на научните и индустриските објекти.
Минатата година Русија најави планови за воспоставување колонија на Месечината до 2040 година. Програмата за Месечината на оваа земја се состои од три фази: прво модул ќе орбитира околу Месечината, потоа првата руска мисија со екипаж ќе се спушти на површината на Месечината, а конструкцијата на базата е третата
фаза.
Руската вселенска агенција не е единствената што е заинтересирана за оваа технологија. НАСА и Европската вселенска агенција исто така покажаа интерес за користење на 3Д-печатењето во „вселенски“ цели.