Седум претстави од Србија, Грција, Шпанија, Косово, Македонија ќе бидат изведени од 12 до 16 април на повеќе театарски сцени во Скопје на 11. интернационален фестивал
Сцена од популарната „Јами дистрикт“
Документарната и политички ангажирана претстава „Јами Дистрикт“ во режија на Кокан Младеновиќ на 12 април во Домот на АРМ, ќе го отвори 11.издание на театарскиот фестивал „Лица без маски“ во Скопје. Претставата е во продукција на Тиватскиот културен центар од Црна Гора и Битеф театар од Србија.
Под мотото „Најди начин“ до 16 април ќе бидат изведени седум претстави со различни естетики.
За прв пат во нашата земја во периодот од 13 до 15 април, по три пати дневно македонската публика ќе има можност да ја почуствува магијата на т.н. „сензорна“ претстава, на експерименталниот и независен театар „Понтен пие“ од Шпанија, кои во својата куќичка поставена пред платото на Универзална сала, ќе ја изведат претставата „Арктик“, во режија на Серџи Отс. Само ограничен број од 20 посетители на една изведба, ќе има можност да ја видат и почувствуваат магијата на студениот Арктик, а доживувањето е бесценето и уникатно.
Сензорна претстава „Арктик“ од Шпанија
Од интернационалната програма во рамките на фестивалот на 14 април, на малата сцена во МНТ ќе биде изведена претставата „55 нијанси на геј“, во режија на Блерта Незирај, а во изведба на „Ќендра мултимедија“ од Косово. Оваа претстава во текот на минатата година, предизвика голем регионален интерес.
Меѓу другите гости се и пријателите на фестивалот „92. Арт театар“ од Атина, кои ќе го гостуваат на 15 април, на малата сцена во МОБ.
Од македонската независна продукција, на малата сцена на Универзалната сала ќе гостува „Интимен театар“ од Битола, со претставата „Три напред, три назад“ (седум осмини), во режија на Софија Ристевска, ланската добитничка на наградата за најдобра режија на „Лица без маски“.
Последната вечер, од фестивалот на 16 април во Детскиот театарски центар во Стара Чаршија, ќе настапат ланските победници на фестивалот - независниот театар „Артопиа“, со претставата „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин, а на малата сцена на МОБ, пред доделувањето на трите фестивалски награди, ќе биде изведена кореодрамата „Ла Ла Ла“, авторски проект на Саша Евтимова.