X
 08.04.2018 Култура

Серија од Балканот е на добар пат да стане светски хит!

серија
Фото: Youtube/Printscreen

Хрватската серија „Новине“ е откупена од „Нетфликс“, а ќе може да ја следат околу половина милијарда луѓе во 190 земји во светот.

Станува збор за серија во која се преплетуваат темите поврзани со политика, криминал, цркви, медиуми и магнати.

Иако во центарот на приказната е редакцијата на дневниот весник „Новине“, серијата дава целосен приказ на хрватското општество. Интересно е дека дејството на серијата не се случува во Загреб, туку во Риека и покажува дека локалните приказни не се помалку интересни, таинствени и интригантни од оние на државно ниво.

Бранка Катиќ во серијата ја глуми новинарката Дијана Митровиќ, која со своите текстови успеала да отстрани три министри. Таа е бескомпромисна кога станува збор за вистината и праведноста. За неа сите слушнале и сите ја знаат, а најважно е дека ја ценат и ја сметаат за многу професионална дури и оние што не ја сакаат. Но нејзиниот приватен живот е целосна спротивност и тотален хаос. Всушност, таков е приватниот живот на повеќето врвни новинари.

Режисерот на серијата, Далибор Матаниќ, признава дека малку се плашел дека новинарите ќе го критикуваат начинот на кој ја претставил редакцијата. Приказната не личи на онаа од американската серија „Редакција“, каде што фокусот е на начинот на доаѓање до приказната и нејзината обработка. Иако редакцијата е во центарот, таа не е и фокусот.

Низ серијата се појавуваат неколку главни и споредни ликови. Едни од нив се локалниот магнат Марио Кардум и неговата мајка Дубравка, која се обидува да ја прикрие својата вина за сообраќајна несреќа во која загинале три лица. За несреќата се обидува да истражува Андреј Маринковиќ, новинар кој има извори во полицијата (но и тие ја прикриваат несреќата). Меѓутоа, весникот за кој работи Андреј го купува токму Кардум. Така, „Новине“ станува сопственост на магнатот, а непосакуваните новинари и уредници добиваат откази. Дијана Митровиќ останува во редакцијата, иако ја одбива понудата да биде главен уредник.

serija

Покрај приказната што ќе ви го задржи вниманието, серијата има и одлични уметнички моменти. Еден од нив преставува кадарот сниман под вода додека ликовите ја нурнуваат главата во мијалникот полн со вода. Таков кадар има секој главен актер и по тоа ќе знаете дека ликот во тој момент доживува нешто слично на нервен слом, односно се наоѓа во ситуација за која нема решение, ниту излез.

Побрзајте да ги изгледате сите 12 епизоди од првата сезона - ги има на „Јутјуб“. Премиерата на втората сезона е во април.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура