X
 21.02.2023 Култура

По оваа серија на „Нетфликс“ двапати ќе размислите дали ќе преземете апликација

Откако ќе ја изгледате „Црвена роза“ (Red Rose), веројатно ќе се двоумите пред да инсталирате некоја апликација на вашиот паметен телефон.

Британската хорор-серија следи група матуранти кои се тероризирани од апликација која поставува смртоносни барања од  корисниците. Прво емитувана на Би-би-си, серијата сега пристигна на стриминг-платформата „Нетфликс“ и за кратко време го зазеде второто место во топ-10 најгледани.

Зад серијата стојат Пол и Мајкл Кларксон, а станува збор за серија што истражува сериозни теми како тага, смрт, социјална класа, семејство, пријателство и адолесценција.

За што се работи во серијата?


Приказната е сместена во градот Болтон, во Северозападна Англија, во близина на Манчестер, каде што група тинејџери го слават матурирањето и едвај го чекаат претстојното лето. Некои се заљубуваат, други планираат што да прават со слободното време. Но, тогаш се појавува апликацијата „Црвена роза“, која поставува чудни и вознемирувачки барања до своите корисници.

На почетокот апликацијата изгледа како симпатичен четбот. Но, како што Рошел Мејсон ја користи сè повеќе и повеќе, јасно е дека станува збор за смртоносна контрола.

Паметниот телефон како главен виновник


Режисерите Лиза Сиве, Рамон Салазар и Хенри Блејк го користат паметниот телефон како главен виновник за нашите стравови. Ликовите ги држат телефоните во секоја сцена и мрзливо ги проверуваат социјалните мрежи среде разговор. На крајот, тие се обидуваат да избегаат од технологијата, свесни за нејзините опасности, но станува јасно - сè додека се потпираме на технологијата, со неа може да се манипулира за погрешни цели.

Но, најстрашната функција што ја извршува оваа апликација е потсетувањето дека отидовме предалеку за да запреме ваков напад. Единствената одбрана што ја имаме е да ја исклучиме мрежата, но не можеме затоа што е преголема жртва да прекинеме толку важна врска со надворешниот свет.

Засега Би-би-си ниту ја потврди ниту ја демантира новата сезона на „Црвена роза“. Серијата има оцена 6,4 на IMDb, а оние што ја гледале велат дека е непредвидлива и интересна.



Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура