X
 18.01.2019 Курсеви

„Фросина“ се наполни на промоцијата на „Радио“ од новинарот Љупчо Јолевски

„Радио“ е издание на повеќе од 700 страници со исто толку фотографии и ислустрации. Во книгата се поместени текстови, разговори со уметници кои Јолевски ги направил во изминатите пет години

Во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје синоќа се одржа промоција на книгата „Радио“ од новинарот Љупчо Јолевски. Истовремено МКЦ по 7. пат ја одбележа манифестацијата „Роденден на уметноста“.
Двочасовната промоција беше мултимедијален уметнички перформанс. Всушност, настапија уметници кои и самите се застапени во „Радио“. Актерот Игор Трпчески рецитираше и читаше поезија, помеѓу настапите на пијанистката Дуња Иванова, , гитаристот Ибрахим Мехмети и перкусионистот Ратко Даутовски, Кристина Горовска и Васко Атанасоски од „Бернајс пропаганда“ и „Сетстат“ со Мирко Попов.

Насловната страница, дело на Сашо Димоски

Официјалниот промотор, музикологот Марко Коловски, рече дека ова е прво вакво обемно издание во земјава, преку чија наслов Јолевски се навраќа на својата прва љубов – радиото.

- Браво чичко Јоле, продолжи да пишуваш книги – рече на крајот на настапот Васко од „Бернајс пртопаганда“ со книгата во раце.

„Радио“ е издание на повеќе од 700 страници со исто толку фотографии и ислустрации. Во книгата се поместени текстови, разговори со уметници кои Јолевски ги направил во изминатите пет години по различни поводи – изложби, концерти, книги и биле пишувани и објавени за Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик. Книгата е поделена на неколку целини – музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија. Застапени се Весна Ѓиновска-Илкова, Благој Нацоски, Александар Пејовски, Влатко Стефановски, Зоран Маџиров, Оливера Ќорвезировска, Владимир Мартиновски, Игор Киров, Иван Поповски, Ване Костуранов, Шќипе Мехмети, Мирко Илиќ, Зоран Предин, Оскар Салас, Феми Кути...

Јолевски им се заблагодари на присутните / Фото: Радио слободна Европа на македонски јазик


Rецензенти на книгата се Елизабета Баковска, Марко Коловски и Ана Франговска. Автор на одличната насловна страница е Сашо Димоски, а ликовно-графичкото уредување го направи Билјана Билбилоска.

Јолевски секоро четири децении е присутен во македонското новинарство, како новинар, водител и уредник. Кариерата ја почнал во Млад борец на почетокот од 1980-тите. Соработувал со белградските магазини Рок и Време, а потоа долги години бил во Радио телевизија Скопје и во Македонското радио – втора програма. Паралелно четири години бил уредник на музичкото радио Канал 103, а соработувал и со изданијата на Детска радост, ревијата Екран и весникот Нова Македонија. Од крајот на 1990-те извесно време бил новинар во Телевизија Скопје и во магазинот Старт, потем уредник во дневните весници Дневник, Време и Нова Македонија, соработник на интернет порталот Блесок, на Југословенската и Екс. Југословенската рок енциклопедија, на Светската и на Европската музичка енциклопедија и безмалку цела една декада автор и водител на музичката емисија Скопје – Париз – Тексас на Радио Равел. Во Радио слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Курсеви