X
 25.06.2019 Култура

Четиридневен саем на уметноста неделава во МКЦ

Изложби, предавања, промоции, проекции и многу музика ќе има на сите расположливи простори - платото пред МКЦ, галеријата, „Денсинг салата“, киното „Фросина“, фоајето над киното

Четиридневен саем на уметноста од четврток до недела ќе се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје. „Ин ситу“ е насловот на мултимедијалниот саем, на кој ќе бидат изложени новитети во уметноста, дизајнот, архитектурата и креативните индустрии. Изложби, предавања, промоции, проекции и многу музика ќе има на сите расположливи простори - платото пред МКЦ, галеријата, „Денсинг салата“, киното „Фросина“, фоајето над киното.

Од изложбата „Приватни демони“

Саемот почнува в четврток, во 21 часот, со отворање три изложби - Walden Kunstausstellungen од Берлин, Германија, групна изложба на „Ин Ситу 2019“, интердисциплинарна изложба „Приватни демони“ на Маја Јаневска-Илиева и Велимир Жерновски и времена инсталација во живо на Драган Христов-Лудус.

Петок е предвиден за предавања. Гунар Хартман ќе зборува за „Просторот како инструмент“, а Омар Акбар на тема „Реновирање на Баухаус и концептот на Колеџот“.
Сабота е ден за проекција на документарниот филм од серијалот „Бетонски спијачи – недовршена модернизација“ и разговори со Мароје Мрдуљаш, архитект, критичар и еден од авторите на серијалот. В недела ќе има промоција на модернистичка мапа за Скопје на „Блу кроу медиа“ од Лондон. Следува предавање на Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски на тема „Кон конкретна утопија, архитектурата на Скопје во МоМА“ и презентација на Кристијан Буркхард од Architectuul.com – „Комуницирање архитектура“.

Од досегашните изданија / Фото: „Ин ситу“

„Ин ситу“ е производ на она што во текот на изминатите четири години беше „Паратисима Скопје (2014-2017)“.

- Досега броиме претставување на повеќе од 450 автори-учесници од 39 земји, чии дела ги проследи растечки број на посетители. Во првите години беа 2.000 посетители, кои прераснаа во 7.000 посетители. Петта година од своето постоење и премиерна во своето ребрендирано издание, саемот созреа во независна арена за уметничко, креативно и иновативно изразување, задржувајќи го своето потекло, притоа „Ин ситу“ - велат организаторите.

Основна цел на саемот е да обезбеди столб за раст и развој на современи и конвенционални формати на изразување.
- „Ин ситу“ е инклузивен во својот пристап и ексклузивен во своите изведби. Оваа противречност потекнува од верувањето дека само преку спојување на непредвидливото би можеле да обезбедиме простор за прогресивна културно-уметничка сцена - велат организаторите.

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура