X
 30.01.2023 Наша тема

По скалилата на успехот со Љупчо Јолевски: „Сѐ уште се палам како тинејџер кога ќе видам нов албум и умирам додека не го земам“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Иако неуморно истрча четиридецениска кариера како новинар, пред сѐ, во областа на културата, Љупчо Јолевски и по неговото пензионирање сѐ уште е растрчан насекаде, со истиот младешки елан кој датира од неговите почетоци во „Млад борец“. Тој неодамна ја објави својата втора книга „Неправилен ритам“, а на крајот на ланската година за неговиот новинарски придонес во афирмацијата на македонската култура, пред сѐ, музика, се закити со наградата „13 Ноември“.

- Мојот сон беше да сум тоа што сум. Еве, фала му на бога, стигнав до некое ниво. И ден-денес се палам како тинејџер кога ќе видам некој нов албум што го немам и умирам до моментот додека не успеам да го земам – вели Љупчо.

Неговата нова книга „Неправилен ритам“ содржи интервјуа, рецензии, осврти... Поделена е на 5 поглавја. Рокенрол-минато, понови бендови, па осврти врзани за џезот, но и класичната музика. Тука се и текстови за големи концерти – Иги Поп, Леонард Коен, Боб Дилан, Клептон..., и за луѓе кои се дел од сцената како документаристи, како Жига Коритник, Татјана Ранташа... Или, повеќе од дваесет години историја на повеќе од 500 страници!

Кога ќе ги слушнев „Бис Без“, мислев дека светот пред мене се отвора

Маѓепсан од музиката уште како мал, Јолевски преку постојаното свирење на радиото во неговиот семеен дом почнал многу рано да ја полни таа своја мозочна музичка датотека. Купувањето на првата плоча, синглот „Children of the Revolution“ од Марк Болан и Ти-Рекс, придонело да тргне по патот на еден музички зависник.

- На осум години сум дојден во Скопје. Се сеќавам на тој прв судир со тоа урбано Скопје, а најсвежа ми е средбата со МКЦ. Радиото свиреше по цел ден и ти слушаш и практично сета таа музика што била емитувана, дали на Радио Скопје, Радио Белград, па подоцна и Луксембург, ја апсорбираш. Кога ќе ги слушнев „Бис Без“, мислев дека светот пред мене се отвора. Дип Парпл, Дејвид Боуви, Ти-Рекс... Тоа беа моите слушачки почетоци. Купував музички списанија од продавниците што продаваа музички весници на сам плоштад, а кога станав тинејџер, одев по сите дискотеки, „Мусандра“ кај диџеј Мице, „Турист“ кај Костиќ и „Скала“ каде што свиреше и група ПУ – вели Јолевски.

 

Уште поинтересно од свирењето ми беше да организирам концерти и игранки

Покрај таквата љубов кон музиката, неизбежно било Љупчо да почне да свири некој инструмент. Тој  свирел на гитара, па и бас, а некое време како средношколец бил дел од некои бендови, но сепак неговата вистинска љубов била од другата страна на бината.

- Како средношколец во „Карев“ ми беше интересно да свирам, но уште поинтересно ми беше да организирам концерти и игранки. Секоја втора недела имавме игранки. Многу скопски бендови поминаа на тие игранки, па дури мислам дека тогаш беа и почетоците на „Леб и сол“, на кои се сеќавам дека со Мики Јовановски-Џафер како пејач настапија на нашата матурска. Во гимназија пишував, но сѐ уште не размислував за новинарството. Кога дојде време за упис на факултет, се решив за економски, некако повеќето се запишуваат таму, па ајде и јас. Арно ама, по година и пол видов дека немам врска со економија, ја завршив прва и веќе втора решив да се запишам на новинарските студии, кои само што беа отворени – се присетува Јолевски.

Новинарски почетоци во „Млад борец“

Паралелно со студиите Јолевски ја почнал новинарската кариера, и тоа во тогаш прогресивниот весник „Млад борец“. По кратко време поминато таму, тој веднаш го насочил новинарскиот радар кон културата со акцент на музичката сцена.

- Бевме цела една млада екипа како внатрешни соработници во „Млад борец“. Тоа беше весник на Сојузот на Социјалистичка младина на Македонија. Бев дел од одлична редакција со искусни новинари, како Томислав Османли, Христо Петревски, Александар Шољаковски, Душко Кралевски. Прво ме „фрлија“ да следам „младина“, односно акции, што се случува и слично. Беше тоа магазин и јас следев такви настани. Тоа не ми беше многу интересно, па се префрлив на настани од културата, пред сѐ, од музиката. Паралелно почнав да собирам плочи. Тогаш преку „Југотон“ многу брзо ја добивавме актуелната светска музика. Почнав да пишувам за тоа што се случува во музичкиот свет. Бев човекот кој се интересираше што е ново и интересно на сцената. Тогаш излегоа бендовите како Мизар, Архангел, претходно Падот на Византија и многу други кои ја обележаа мојата музичка младост – додава Љупчо.

 

Мојот сон од дете беше да работам на радио

Јолевски добил и редовно работно место во „Млад борец“, каде што подоцна станал и уредник на културната рубрика. Гордо се сеќава на моментот дека „Млад борец“ станал првиот весник што тогаш се продавал самостојно, па дури и самите новинари го продавале во улога на колпортери. По десетина години поминати во весникот, тој направил трансфер во медиумот кој му бил сон уште од дете - радиото.

- Во меѓувреме почнав да соработувам со Македонско радио и ме префрлија од „Млад борец“ на втората програма на Македонското радио. Бев редовно вработен, новинар-уредник. Имав ноќна програма - „Позитивни вибрации“, каде што презентирав нова музика од Југославија и пошироко. Јас отсекогаш го сакав радиото. Мојот сон беше да работам на радио. Како дете сум глумел дома дека водам радиопрограма. Немав никаков проблем од пишан медиум да се приспособам на радио. Немав ниту потреба да одам на логопедски вежби бидејќи бев спремен да почнам да водам емисија. 12 години бев вработен таму - кажува Јолевски.

Треба да го живееш концертот, да отспие, па да пишуваш за него

Иако веќе во полна пареа бил влезен во радиото, во одреден период паралелно со неговиот ангажман во Македонското радио бил и еден вид уредник на канал 103. Тоа било со цел тоа урбано и прогресивно радио повторно да застане на нозе. Секако, Љупчо не престанал да кокетира и со пишаните медиуми.

- Иако работев во радио, не престанав да пишувам во периодични изданија – „Наш свет“, „Детска радост“, „Нова Македонија“. Се учев на школата на пишување рецензии од тоа што го читав од други списанија. Односно, се учевме едни од други во Југославија, како што ги читавме рецензиите во странските списанија. Треба да го живееш концертот, да отспие, па да го пишуваш. За плоча/албум кога пишувам, никогаш под недела дена слушање, споредување и барање материјали не сум седнувал на тастатура. Имав потреба да бидам афирмативен. Да крепам одредена сцена која е во подем. Јас немам плукачки стил на работење, туку секогаш со аргументи. Со тоа ќе му помогнеш и ќе го мотивираш артистот да биде подобар. Авангардноста посебно ја крепевме бидејќи никој не ја поддржува. Ако ние малкумина не ги пуштевме во етер или не пишевме нешто, немаше кој друг - објаснува Љупчо.

Сакав да понудам нешто ново

Секогаш трудејќи се да понуди нешто ново, свежо и различно, Љупчо на секоја емисија доаѓал со торба полна со плочи со нова музика. Така се развила и љубовта кон колекционерството кај него, тоа а во исто време дава одличен опис на неговиот бескрајно ентузијастичен пристап што го има кон неговата професија и кон музиката воопшто.

- Јас нонстоп се надградувам и го менувам стилот. Се трудев постојано да дадам уште нешто од себе, да понудам една приказна повеќе. Колекционер сум на околу 5.000 плочи. Дискови и снимки не ни бројам. Јас одев на емисија со моја музика, со цели торби полни со плочи и дискови. Сакав да понудам информација повеќе, друга музика, што не е во фонотеката на радиото. Тоа многу ми помогна да бидам водител и автор на емисија, но и човек што има своја музика - завршува Љупчо.

 

фото: Приватна архива

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема