X
 18.01.2019 Технологија

Протекоа 773 милиони електронски адреси, проверете дали и вашата е на листата

Поминаа само две недели од 2019 година, а веќе имаме едно од најголемите протекувања на податоци во последните години. Според експертот за интернет-безбедност Трој Хант, протечени се неверојатни 773 милиони адреси на електронска пошта и 21 милион лозинки.

Хант истакна дека многу луѓе го контактирале минатата недела и посочиле дека има група од 12.000 фајлови со вкупна големина од 87 гигабајти и речиси 2,7 милијарди снимки поставени на MEGA. Тој додава дека фајловите биле отстранети од платформата, но дека останале на популарен хакерски форум, кој тој не го именува. Според Хант, во постот на форумот изворот на податоците бил опишан како колекција од повеќе од две илјади бази на податоци и комбинации од електронски адреси и лозинки подредени тематски.

Фото: The Next Web

Единствената утеха е што во протечените информации нема чувствителни информации, како детали од кредитни картички.

Како да проверите дали и вие сте мета на нападот?

Лесно можете да проверите дали вашата електронска пошта е дел од колекцијата, благодарение на Хант, кој ја интегрирал базата на податоци во неговата страница „Have I been Pwned“. Оваа страница е база на податоци за барање електронски адреси што биле дел од протекувањата.

За да проверите дали ве има и вас, одете на страницата и внесете ја вашата електронска пошта. Ако таа не била дел од нападот, ќе ја добиете следната порака:

Фото: The Next Web

Но, доколку и вие сте биле мета на нападот, се советува да ја промените лозинката. Страницата нуди и пребарување на лозинки за да видите дали има некоја од лозинките што сте ги користеле.

Фото: The Next Web
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија