„Јас сум чудна природа која никогаш не се кае. Со помош на мојата професорка по клавир научив дека во животот ништо не се мора освен да се умре. Така ми се смирија многу несигурности, меѓу кои и каењето. За жена и за ќерка-единица, за еден типичен производ на нашиот школски систем во шеесеттите, за едно суштество кое беше кретенски добар ученик, овие потези во животот, раскинувањата со сите конвенционалности и тие драстични раскинувања во кариерата и во изборот на нештата со кои ќе се занимавам, не беа едноставни. Но, кога ќе видиш подобро, со што и да сум се занимавала, што и да сум правела, единствените пари што сум ги заработила во животот биле од музиката. Како корепетитор, автор на театарска музика, коавтор во монодрама или како член на Екатарина“.
Ова е дел од интервјуто што за весникот „Нин“ го дала Маргита Маги Стефановиќ, единствениот женски член на култниот југословенски бенд „Екатарина Велика“. Денес се навршуваат 16 години од нејзината смрт. Маги, архитект по професија, важеше за еден од најталентираните класични пијанисти. Била во класата со Иво Погорелиќ. Во 1982 година ѝ се придружила на групата на Милан Младеновиќ под наслов „Катарина Втора“. По две години групата го сменила името во „Екатарина Велика“.
Покрај песните што ги компонирала за бендот, сама или во соработка со Младеновиќ, Маргита компонирала и театарска музика. По смртта на Младеновиќ, на 5 ноември 1994 година групата престанува да постои. Маги сè поретко се појавува во јавноста. Последните години во животот ги поминала во Центарот за сместување бездомници во Белград. Починала на 18 септември 2002 година на белградската Инфективна клиника. Имала 43 години. Причината за смртта не е соопштена, но се претпоставува дека е од последици од долгогодишната употреба на наркотици.
.