Дали постоеше подобра група од ЕКВ во поранешна Југославија? Веројатно да. Дали имаше попопуларни бендови во СФРЈ? Се разбира – да. Па во што тогаш е величината и митот за ЕКВ?
Но, да почнеме по ред. Според многу критичари, можеби најубавиот албум на целиот нов бран бил деби-албумот на белградскиот бенд „Шарло акробата“ под наслов „Бистрији или тупљи човек бива кад...“. Продукциски, музички, како и да го завртите. За жал, групата набрзо се распадна, а двата фронтмени на оваа група – Милан Младеновиќ и Душан Којиќ-Која, направија свои групи: ЕКВ и „Дисциплина кичме“. И беше јасно, во овој постфестум, кој што работел во „Шарло“. Кому му припаѓала мелодијата, а кому енергијата. И двете групи создадоа бесмртни музички нумери.
Митот за ЕКВ не содржи само феноменални песни кои, за волја на вистината, ги имаше во голем број. ЕКВ е метафора на едно време и е многу повеќе од самата музика. Приказната за таа група е и приказна за генералот на ЈНА, Кадиевиќ, кој му помогна на Милошевиќ и ги изнесе тенковите на белградските улици во март 1991 година. Следната година Милан Младеновиќ, син на офицер на ЈНА, ќе биде на приколката на цивилниот камион на Плоштадот на Републиката во акцијата „Римтутитуки“, антивоен бенд кој ќе се труди тенковите да не излезат по улиците и по нивите на СФРЈ.
Сите тие антивоени мисии и ангажмани на рокерите беа залудни. Милан беше и на оној прочуен концерт на „Јутел“ во Сараево каде што се бранеше Југославија, но набрзо потоа тенковите ќе загрмат многу посилно од нивните музички инструменти. Затоа и сите албуми на ЕКВ од почетокот на деведесеттите ќе станат мрачни и сè ќе „смрди“ на несреќа, на смрт. Затоа и беше тешко да се признае дека вредностите од 80-тите, кога ЕКВ и другите групи беа во зенитот на своите кариери, беа трајно погазени. И „земја за нас и за сите наши деца“. Тоа не е носталгија. Тоа е извештај, фактографија, без оглед кој како би го нарекол. Ветувачката слобода и модерноста на 80-тите во кои новинарите на англиските музички списанија како НМЕ доаѓаа во Белград за да ја опишат сцената на новиот бран исчезнаа во неврат. Сè било една голема заблуда. И епидемија на смрт на таа екипа од осумдесеттите. Многумина од таа екипа починаа. Целата постава на бендот од првиот албум, освен гитаристот Гаги, почина во деведесеттите. Имаше и такви што вчудовидени од случувањата побегнаа од белградските, лондонските и њујоршките клубови во српските манастири, каде што се замонашија.
Постојат два дела на биографијата на групата ЕКВ: едниот е она среќно време во осумдесеттите чиј симбол беа Милан и неговата екипа. Оној вториот дел од биографијата, од почетокот на деведесеттите, претставува спознание за крајот на идилата за Елдорадо на Балканот. И тогаш Милан создаваше болни песни. И беше целосно предаден на борбата против војната и распадот на Југославија.
На крај, Џони Штулиќ и Милан Младеновиќ станаа двете најголеми фигури на југословенскиот нов бран. И двајцата отстапија од овој простор каде што се профилираа како најголеми. Штулиќ доброволно замина во егзил, Милан го одведе смртта. Засекогаш го напуштија овој географски простор оставајќи зад себе мит кој им овозможи никогаш да не нè напуштат, останувајќи за вечност.
Извор