Озонската дупка над Земјата во 2025 година беше една од најмалите во последните неколку децении, извести Светската метеоролошка организација (СМО). Тоа беше втора година по ред во која и длабочината и опсегот на озонската дупка беа значително под просекот за периодот од 1990 до 2010 година, според најновиот извештај на таа агенција на ОН, објавен на Меѓународниот ден за заштита на озонскиот слој.
Минатогодишната озонска дупка беше четврта или петта најмала откако во 1992 година беа забележани обрасци на сериозно намалување на озонот, наведе организацијата.
Тоа делумно е последица на природни атмосферски појави кои предизвикуваат годишни флуктуации, истакна СМО.
Заслуги на Монтреалскиот протокол
Но, пресуден фактор беше намалувањето на употребата на супстанции кои го уништуваат озонот, а кои ги произвел човекот, како хлорофлуоројаглеродите (ЦФЦ), во текот на изминатите децении. Тие супстанции, познати како фреони, некогаш се користеле во ладилниците, клима-уредите, пените за гаснење пожари и лаковите за коса. Генералната секретарка на СМО, Селесте Сауло, изјави дека станува збор за успешна приказна во областа на заштитата на животната средина.
- Озонскиот слој заздравува од 2000 година и можеме да очекуваме негово целосно заздравување за неколку децении - наведе таа.
Виенската конвенција за заштита на озонскиот слој беше усвоена во 1985 година, а подоцна следуваше Монтреалскиот протокол. Според податоците на СМО, овие мерки доведоа до постепено укинување на повеќе од 99 проценти од регулираните супстанции кои го уништуваат озонот, како ЦФЦ.
Зголемувањето на УВ-зрачењето ги загрижува експертите
Тенкиот озонски слој овозможува повеќе штетно ултравиолетно (УВ) зрачење од Сонцето да стигне до Земјата. Кај луѓето тоа може да предизвика оштетувања на кожата или рак на кожата. Во делови од Европа нивото на УВ-зрачење се зголемило за дури 20 проценти од средината на 90-тите, наведува СМО. Мерењата спроведени на земјата покажаа дека тоа првенствено е предизвикано од намалувањето на облачноста и последичното зголемување на годишното траење на сончевата светлина.
- Со оглед на тој тренд, мерките за заштита од УВ-зрачење се од исклучителна важност - порачаа од СМО.
Фото: принтскрин/јутјуб