Излегоа првите критики за првите четири епизоди од шестата и последна сезона на „Круната“ на „Нетфликс“, а судејќи според реакциите во Велика Британија, ТВ-критичарите не се баш воодушевени.
Неколку големи британски медиуми ги критикуваа најновите епизоди во серијата, при што некои критичари се спротивставија на визиите за покојната принцеза, која се вклучува во разговори со кралицата и принцот Чарлс. Овие сцени привлекоа големо внимание, а се вели дека се прикажува „духот“ на Дијана.
- Зборот дух не е од помош, никогаш не сум пишувал ништо од натприродна перспектива. Тоа повеќе беше показател дека кога некоја личност штотуку починала, таа сè уште е жива во главите на блиските. Повеќе ми се чини дека станува збор за продолжување во реалниот живот наместо како дух - вели креаторот на „Круната“, Питер Морган.
Новата сезона почнува со Дијана и принцот Чарлс кои го поминуваат своето прво одвоено лето како штотуку разведени. Првите четири епизоди ги прикажуваат настаните што доведоа до смртта на Дијана и Доди Фаед и непосредните последици.
Критичарката на „Гардијан“, Луси Манган, ѝ даде една ѕвезда на шестата сезона.
- Од самиот почеток „Круната“ чекореше на работ меѓу престижна драма, способна да предизвика свет на емоционална борба во една сцена или реченица и глупоста од сапуница. Почна да се колеба во третата сезона, целосно ја изгуби рамнотежата во следните две, и сега вртоглаво паѓа во бездната и покрај брилијантните изведби на целата актерска екипа - тврди Манган.
Две ѕвезди ѝ даде Ник Холтон, кој за „Индепендент“ пишува:
- Има многу шпекулативни разговори меѓу Дијана и Доди кои го поттикнуваат заплетот, додека Чарлс му ја објавува веста за смртта на Дијана на принцот во сцена која ние како публика не смееме да ја слушнеме. Овој таблоиден тон ја става кралицата во секундарен лик, додека принцезата Маргарет останува целосно незабележана - пишува тој.
Тој додаде дека „Круната“ го научи светот што значи да се биде Британец во 20 век. Но, исто така, остана без пат и насока.
„Тешко е да се избегне сомнежот дека сценаристот навистина го презира ова семејство“
Анита Синг ја даде својата рецензија за „Телеграф“ и ѝ даде две ѕвезди на серијата.
- Нешто тргна наопаку бидејќи серијата креативно атрофираше. Тешко е да се избегне сомнежот дека сценаристот навистина го презира ова семејство - пишува таа.
Во својата рецензија за Би-би-си, Керин Џејмс ѝ даде две ѕвезди на серијата, наведувајќи дека најдобрите моменти од сезоната го потврдуваат она што отсекогаш било најуспешниот елемент на серијата: имагинарните сцени.
Фото: Screenshot/YouTube