На 21 октомври 1966 година, во малото село Аберфан, Велс, се случила трагедија во која животот го изгубиле 116 деца и 28 возрасни. Тие останале закопани под лавина од илјадници тони отпад од рудник.
Поради небрежност на државните институции, 110.000 кубни метри отпад се срушиле над основното училиште „Пантглас“ и загинале сите деца и наставници. Светот беше потсетен на оваа трагедија во познатата серија „Круната“, каде што во епизодата од третата сезона детално се опишува како изгледал овој трагичен настан и како реагирала кралицата Елизабета.
Многумина велат дека трагедијата во Аберфан е најголемата мака на кралицата. Иако била известена набрзо по
несреќата, на Елизабета ѝ биле потребни цели осум дена за да го посети ова село, а наводно целиот живот жали поради нејзината задоцнета реакција.
Тој кобен дождлив петок децата, како и секое претходно утро, тргнале на училиште, кое било оддалечено околу еден километар од центарот.
Никој не ни претпоставувал дека отпадот, кој се наоѓал на околу 900 метри од училиштето, ќе убие 144 луѓе. Тоа утро работниците во рудниците пријавиле дека забележале дека дождот направил дупка во едно од јаловиштата. Отишле да ги известат властите, а потоа да анализираат што ќе прават.
Било одлучено тој ден да се прекине работата на тој дел, а следната недела да се разгледа како да се санира штетата и да се утврди како била направена дупката. Но, околу 9 часот и 15 минути, за 10 секунди лавината се спуштила по ридот и ги затрупала училиштето и 18 околни куќи.
- Aберфан длабоко ја погоди кралицата. Кога отиде таму, тоа беше редок случај кога заплака пред јавноста - вели Вилијам Хазелтин, кој во тоа време служел во кралскиот тим за односи со јавноста.
Тој верува дека кралицата доцна сфатила дека требало веднаш да отиде таму.
- Тоа беше лекција за сите нас, дека треба да покажеме емпатија и да бидеме тука за луѓето во неволја, особено кога таа им беше потребна на луѓето - вели Хезелтин во документарецот „Елизабета, нашата кралица“.
Според биографијата „Елизабета, кралицата“ на Сали Бечел, кралицата не донела одлука да го посети селото затоа што не ѝ било гајле и сметала дека нејзината одлука е практична.
Иако сите ја советувале да го посети селото, таа била одлучна да не оди.
Советникот на кралицата тврди дека на Елизабета ѝ биле дадени многу аргументи зошто треба да оди во Аберфан, но таа не сакала да ја промени својата одлука. Наместо тоа, го испратила својот сопруг, принцот Филип, а селото го посетил и нејзиниот зет, лордот Сноудон, сопруг на принцезата Маргарет.
- Кога ја слушнав веста за трагедијата, почувствував дека треба да одам затоа што сум Велшанец, и сметав дека ние, Велшаните, треба да се држиме заедно. Се качив на воз и веднаш заминав - изјави Сноудон во 2006 година, 40 години по трагедијата.
Тој тогаш ѝ напишал на принцезата Маргарет дека во животот не видел нешто постресно.
Кралицата го посетила Аберфан осум дена по трагедијата, а преживеаните од Аберфан сметаат дека не би требало да се кае затоа што „задоцнила“.
- Кога пристигна, таа беше видно вознемирена, а локалното население ѝ беше благодарно што го посети селото. Ги посети кога можеше и никој не можеше да ја осуди затоа што не дојде порано, особено затоа што беше хаос - изјави пред две децении Џеф Едвардс од Аберфан, кој во моментот на трагедијата имал само осум години.
Локалното население дури и не го забележало отсуството на кралицата во тоа време. Имало многу поголеми маки.
- Сите бевме во шок, се сеќавам како кралицата одеше низ калта. Се чинеше како да беше со нас од самиот почеток - изјави Пени Маршал, поранешната жителка на селото.
Кралицата, која инаку е студена и резервирана, си дозволила да пушти солзи пред камерата.
- Се обидуваше да ги задржи солзите, но не успеа - вели д-р Ајлвард во интервју од 2002 година, кој тогаш отишол во селото да помогне во идентификувањето на телата.
Ќе остане мистерија дали тогаш плачела или глумела, имајќи предвид дека во популарната серија се вели дека „глумела дека е потресена“ затоа што по природа е студена. Во серијата е прикажано дека наводно плачела во Бакингемската палата додека ја слушала песната што ја пеело локалното население додека ги погребувало несреќните деца.
По трагедијата, кралицата се вратила во Аберфан четири пати. Пред пет години, на 50-годишнината од трагедијата, таа испратила порака до народот преку нејзиниот син, принцот Чарлс, кој го посети селото.
- Додека се собирате денес како заедница за да ја одбележите 50-годишнината од страшните настани на 21 октомври 1966 година, сакам да знаете дека сте во моите мисли и мислите на моето семејство, како и во мислите на нацијата. Сите ќе мислиме на жртвите, од кои повеќето беа деца на возраст од 7 до 10 години, како и на стотици други што живееја во шок и тага тој ден, сумирајќи ги зборовите на еден поет кој едноставно рече: „Тука се сите елементи на трагедијата“ - напиша кралицата во едно писмо.
Исто така, таа истакна дека добро се сеќава на нејзината посета и писмото што ѝ го дало едно девојче потпишано: „Од преостанатите деца на Аберфан“.
- Оттогаш, неколку пати се враќавме во Аберфан и секогаш бевме длабоко импресионирани од исклучителната сила, достоинство и нескротливиот дух што ги карактеризира луѓето од ова село и околните долини. На оваа најтажна годишнина испраќам добри желби до сите вас - истакнала кралицата.
Трагедијата била проследена со повеќемесечна истрага. Биле испрашани неколку вработени во Националниот одбор за јаглен, но на крајот никој од нив не бил прогласен за одговорен за трагедијата. Три години подоцна, владата на Велика Британија донела построг закон за тоа кој прецизно пропишува како и каде може да се фрла отпадот.
Рудникот продолжил со работа дури по 23 години.
Извор:
Telegraf.rs |
History.com
Фото:
Wikipedia