X
 19.02.2020 Образование

Лажните ветувања за факултетските дипломи по психологија

Ги прашав моите студенти што мислат во врска со студирањето психологија и нивната кариера. Се појавија неколку теми:

- Каде може да ги однесе дипломата по психологија? - Тие поставија многу прашања што се фокусираа на платите и успехот во кариерата.

- Дали дисциплината е кредибилна? - Студентите дадоа неколку коментари за тоа дека луѓето им рекле дека е лесен факултет и не вреди многу да се трудат околу него.

Во истиот период кога ги прашував студентите на оваа тема, Клубот по психологија на мојот колеџ ме замоли да зборувам за мојот образовен и кариерен пат. Не прифатив затоа што сметам дека не е етички да им сугерирам на студентите дека ќе можат да се издржуваат сами правејќи го она што го правам јас. Всушност, кога ги советувам студентите, обично се обидувам да ги пренасочам од патот за кој јас се одлучив.

Додека растев, слушав: „Магистрирај и обезбедена си за цел живот“. Имам две факултетски дипломи, две магистерски дипломи и речиси 20 години искуство во социјалниот сектор. Колку и да не сакам да признам и колку и да не сакаат луѓето да го слушнат ова, во никој случај не сум обезбедена за цел живот.

Живеам во мало станче под кирија. Моите соседи, едниот организатор на забави, другиот агент за недвижности, заработуваат многу повеќе од мене. Апсолутно си го ценам образованието и ентузијастично го споделувам со моите студенти, но не им правам услуга дозволувајќи им да мислат дека ќе живеат добар живот штом дипломираат на психологија.

Еве во што е работата: До одреден степен знаев во што се впуштам. Не можам да кажам колку разговарав со колегите и колку сите велевме: „Сакаме да учиме! Дефинитивно не го правиме ова за пари“. Сепак, не мислам дека сфатив колкави се последиците од прифаќањето работа со низок потенцијал за заработка. Но, барем имав некаква идеја.

И додека охрабрувам дефиниции за успех кои не се поврзани со приходот, факт е дека речиси сите мои студенти треба да заработат. Оние што се професори знаат дека ова е почетна точка, но студентите и понатаму мислат: „Добра магистратура = финансиска независност“. Неодговорно е да се поддржат ваквите верувања.

diploma
Фото: Unsplash

Мојата прва лекција за оваа реалност беше на Универзитетот во Илиноис. Еден од моите професии по психологија ја покани својата сопруга да зборува на час. Тоа беше првпат некој да ми даде информација за очекуваната плата. Дури и за идеалист како мене, кој требаше да си ја работи работата затоа што ја сака, а не за парите, информацијата беше шокантна.

Втората лекција дојде во текот на мојот прв час по менаџмент. Еден ден мојот професор едноставно ни кажа дека треба да престанеме да прифаќаме толку ниски плати и да се чувствуваме благодарно кога ќе добиеме здравствено осигурување. Пораката уште еднаш ми го покажа она што ме очекува во кариерата, но јас и понатаму бев премногу идеалистички насочена за навистина да обрнам внимание.

Кога работев во голема институција во Сан Диего, излезе истражување што покажа дека, во просек, жителите со диплома заработуваат значително повеќе од оние со магистратура и докторат. Јас го ценам моето образование, за тоа што го научив и за тоа како ги обликуваше мојот живот и работа, а тие бројки ме вознемирија, барем кога станува збор за потенцијална заработка.

Секако, некои луѓе со диплома по психологија и сродни постдипломски студии заработуваат навистина добро, но ниту една диплома не треба да ветува одлична заработка.

Студентите треба критички да проценат каде сакаат да бидат и како сакаат да стигнат дотаму, земајќи ги предвид основните потреби, целите за семејство и други грижи за животот. Колку и да боли, морам да признам дека дипломата по психологија не е одговорот.

Мојот совет до студентите, особено до оние што треба да се издржуваат себеси и семејствата, е да разговараат со луѓе што живееле и работеле со одредена диплома. Апсолутно, секој што ја работи оваа работа заслужува финансиска независност и позициите што ги исполнуваат многумина од нас треба да бидат повеќе платени. Но, реалноста е дека дипломата по психологија не може да го гарантира животниот стандард што го очекуваат повеќето студенти.

Не сакам моите студенти да планираат патувања, да си го трошат времето и парите таму, а потоа да удрат во ѕид за кој никој не ги предупредил. Откривањето на скриените вистини може да ги исплаши, но јас попрво би ги изложила на дупките за да можат да изберат појасен и побезбеден пат.

Aвтор: Ешли Мејер
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование