Наутро, додека сè уште сте во пижами и само што сте си го изгореле јазикот од првата голтка од врелото кафе, веќе сте добиле услуги од најмалку четири јавни претпријатија.
За да го добиете вкусното и многу неопходно прво кафе наутро, потребни се неколку работи. За традиционалното кафе мора да ставите вода во ѓезве која во Скопје ја обезбедува Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Водата треба да ја згреете на електричниот шпорет, односно со струјата која пак ја произведува државното претпријатие Електрани на Македонија – ЕЛЕМ. Цената на струјата претходно ја определила Регулаторната комисија за енергетика.
Голема е веројатноста дека кафето во земјава е транспортирано преку вагоните на државното претпријатие „Македонски железници - Транспорт“. Ако, пак, е донесено со камион, тоа минало преку патарините на патиштата за чија проодност и исправност е одговорно јавното претпријатие „Државни патишта“.
Талогот од кафето и кесата во која е спакувано, доколку сте го дотрошиле, ќе ги фрлите во кантата за отпад која ќе заврши во најблиските контејнери што ќе ги испразни Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
Така што, за една едноставна и секојдневна рутинска активност, или, „ритуал“ на огромен број граѓани како што е пиењето кафе, вклучени се услугите на најмалку четири јавни и државни претпријатија, како и регулаторни тела. Овие услуги секој месец се платени од сите граѓани, а за нивното извршување во овие претпријатија се вработени илјадници службеници.
Со оглед на тоа што работата на овие институции допира до најосновните активности и потреби на граѓаните и се финансирани од јавни пари, важно е тие да бидат управувани на најефикасен и најтранспарентен начин од што е можно поквалификувани лица.
Меѓутоа, резултатите од
анализата на биографиите на управувачките структури покажува дека во половина од случаите членовите на управните или надзорни одбори, директорите или членовите на комисии имале до пет години искуство од областа на институцијата каде што работат. Или накусо, половина од луѓето што управуваат со јавните претпријатија се почетници, гледано од доменот на работата на институцијата.
Причините за ваквата состојба се најразлични. Некаде е недостиг на човечки кадар, но најчесто се работи за партиски номинации, каде што основачите (Владата и мнозинствата во Собранието и општините) поставуваат свои кадри кои треба да управуваат со институциите. Оправдувањето најчесто е дека управувачкото ниво треба да ја претставува власта, за низ сите институции да се исполнува програмата на победничката коалиција (централно или локално во општините).
Се поставува прашањето дали кадри со скромно искуство можат да ги направат институциите ефикасни, дури и да имаат најдобра волја, макар биле и партиски номинирани? Или уште повеќе, колку кадри кои се релативно неискусни ќе можат да се спротивстават на потенцијални обиди институциите да се злоупотребат, не за да се исполни некаква програма, туку да се задоволи приватен интерес на поединци.
Ваквата практика мора да престане. Основачите на овие институции, Владата, Собранието и општините, мора да го ревидираат начинот на избор и да обезбедат пошироко искористување на човечкиот потенцијал преку компетитивни и јавни процеси на именување на управувачкото ниво во јавните претпријатија. Многу е поважно да се покаже дека искуството е најважен критериум, а долгогодишниот труд се исплати и ќе ви даде шанса да учествувате во раководење на институција ако посакате.
Целосната анализа може да ја најдете на следниот
линк.
Проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела“ го анализира перформансот на јавните претпријатија, претпријатијата во државна сопственост и независните државни тела во однос на адекватноста на нивното управување и управувачки процедури, и ќе изврши процена на тоа дали постојат процедури кои раководителите на овие институции ги прават отпорни на клиентелизам и корупција.
Целта на проектот е иницирање промени во управувачката култура на целните институции кои би придонеле кон нивен долгорочен, одржлив развој и би овозможиле основа за подобрено внатрешно известување, која воедно би го подобрила известувањето кон државните надзорни институции и јавноста.
Проектот е поддржан од UK aid од Владата на Обединетото Кралство. Наведените мислења не значи дека ги одразуваат официјалните ставови и политики на британската влада.
(Комерцијален текст)