Научниците веруваат дека заборавен вид кафе што расте во густите тропски шуми на Сиера Леоне може да придонесе за зачувување на оваа многу сакана напивка од ефектите на климатските промени.
Тие мислат дека наскоро би можеле да пиеме редок вид диво кафе наречено „кафе стенофил“ (Coffea stehophylla), кое има супериорен вкус како кафето „арабика“, но расте во потопли услови и е поотпорно на повисоки температури.
Научниците велат дека со оглед на глобалното зголемување на температурата, одгледувањето кафе ќе биде сè покомплицирано. Истражувањата покажаа дека до 2050 година половина од земјиштето на кое се одгледува висококвалитетно кафе може да биде неупотребливо поради климатските промени и уништувањето на шумите.
„Кафе стенофил“ - светиот грал за производителите на кафе
- Пронаоѓањето див вид кафе што има добар вкус и е отпорно на топлина и суша е светиот грал за производителите на кафе - вели д-р Арон Дејвис, ботаничар и водач на тимот на британските кралски ботанички градини за истражување на кафе.
- Во животот пробав разни видови диво кафе и повеќето од нив не се добри, немаат вкус како „арабика“, така што нашите очекувања беа мали. Кога дознавме до кој степен вкусот на овој вид кафе е добар и квалитетен, се воодушевивме. Исто така, има и други предности, како што се отпорност на неповолна клима. Имено, тоа расте во многу потопли услови - додава тој.
„Кафе стенофил“ е диво кафе што расте во областа на Западна Африка и за кое неодамна се верувало дека целосно исчезнало надвор од Брегот на Слоновата Коска.
Но, научниците повторно го откриле во дивината на Сиера Леоне, каде што се одгледувало пред повеќе од сто години. Ова кафе се извезувало во Европа до почетокот на 20 век.
Дејвис предупреди дека на овој вид кафе му се заканува целосно уништување поради огромното уништување на шумите во три земји: Сиера Леоне, Гвинеја и Брегот на Слоновата Коска.
Тој вели дека овој вид кафе било видено во дивината на Сиера Леоне од 1954 година, ниту во која било област на Брегот на Слоновата Коска од 80-тите години. Неколку примероци се зачувани во колекциите за проучување на зрната кафе.
За разлика од црвените и спорадично жолтите плодови на „арабика“ и „робуста“, плодот на „стенофил“ е интензивно црн.
80 отсто од судиите не правеле разлика помеѓу „арабика“ и „стенофил“
Проучувајќи го квалитетот на „стенофил“, експертите најпрво ги испржиле примероците кафе од Сиера Леоне и Брегот на Слоновата Коска, а потоа ги испробале. Како дел од „слеп тест“, повеќе од 80 отсто од судиите не успеале да направат разлика помеѓу „арабика“ и „стенофил“.
Оваа година научниците планираат да засадат семе од „стенофил“ и со тоа да утврдат до кој степен овој вид
кафе може да влијае врз иднината на висококвалитетната индустрија за кафе.
Според д-р Дејвис, повторното откривање на „стенофил“ би можело да ја гарантира иднината на индустријата за кафе, што е исклучително важно за економијата на неколку тропски земји, како и за егзистенцијата на повеќе од 100 милиони земјоделци. Иако во светот се познати 124 вида кафе, „арабика“ и „робуста“ опфаќаат 99 отсто од потрошувачката.
Дејвис се надева дека „стенофил“ повторно ќе се одгледува во Сиера Леоне во големи количини во догледно време.
- Не можеме да очекуваме дека ќе можеме да го нарачаме во кафулињата во следните неколку години, но верувам дека за пет до седум години може да се најде на пазарот како висококвалитетно кафе, а потоа треба да стане почесто во понудата - вели тој.