Годините од животот поминати седејќи на канцелариско столче или кауч може да имаат смртоносни здравствени ефекти на долг рок - но редовната консумација на кафе може да биде начин да се надомести тој штетен начин на живот.
Студија спроведена на повеќе од 10.000 луѓе во Соединетите Американски Држави покажала дека оние што пијат кафе на дневна основа можат да бидат заштитени од негативностите кои произлегуваат од седењето шест или повеќе часа на ден. Во споредба со оние што не пијат кафе и седат толку многу, оние што пијат кафе и седат имаат 1,58 пати помали шанси да умрат од сите причини, дури 13 години подоцна.
Истражувачите од Универзитетот „Соохоу“ во Кина велат дека нивната студија е прва што проценува како здравствените придобивки од кафето може да се спротивстават на зголемениот ризик од смрт поврзан со продолженото седење. Анализирајќи ги националните репрезентативни долгорочни здравствени податоци од САД, тимот открил дека пиењето кафе во суштина ја поништува поврзаноста помеѓу седентармопт начин на живот, смртта од кардиоваскуларните болести и смртноста од сите причини.
Тоа е прилично неверојатно, имајќи предвид дека студиите сугерираат оти дури и сесиите на вежбање не можат целосно да штитат од долгорочните здравствени негативни страни на продолженото седење, како што се дијабетес тип 2, срцеви заболувања или мозочен удар.
Од сите 10.639 учесници разгледани во тековната студија, оние што седеле повеќе од осум часа на ден се соочиле со зголемен ризик од смрт од сите причини и смрт од кардиоваскуларни болести во споредба со оние што седеле помалку од четири часа на ден. Тоа ги поддржува претходните истражувања, но еве го интересниот дел што ниту една друга студија претходно не го идентификувала: поврзаните штети од седењето постоеле „само кај возрасните што не консумирале кафе“.
Наодите не можат да кажат зошто кафето го има овој потенцијално заштитен ефект од поврзаните штети од седењето, но претходните студии со огромни збирки на податоци го поврзале кафето со подолг и поздрав живот, воопшто.
Утврдено е дека кофеинот во крвта го намалува ризикот од развој на дијабетес тип 2 или кардиоваскуларни заболувања. Дури и кафето без кофеин е богато со антиоксиданси, кои можат да помогнат во зајакнувањето на метаболизмот и намалување на воспалението. Одредени соединенија во чаша кафе, исто така, може да го заштитат мозокот од дегенеративни болести, како што е Паркинсоновата болест.
Претходно оваа година една студија покажала дека луѓето со колоректален карцином што пиеле најмалку пет шолји кафе дневно имале 32 отсто помали шанси болеста да им се врати од оние што пиеле помалку од две чаши дневно.
Уште повеќе, истата студија покажала дека три до пет шолји кафе дневно се поврзани со најголемото намалување на смртноста од сите причини. По повеќе од пет чаши, сепак, придобивките се намалиле.
- Со оглед на тоа дека кафето е сложено соединение, потребни се дополнителни истражувања - заклучиле истражувачите од универзитетот.
Извор: sciencealert.com
Фото: Freepik