Во оваа рубрика ви претставуваме интересни податоци за Македонија
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје годинава одбeлежува јубилеј - 70 години од основањето. Деновиве се актуелни ректорските избори, а меѓу кандидатите немаше ниту една кандидатка за ректор. Тоа нè заинтригира во рубриката „Дали знаете“ да откриеме колку универзитетски професорки досега ја воделе најстарата високообразовна институција во Македонија.
Поразителен е фактот дека само една жена го имала ова раководно место во историјата на универзитетот. На претходните ректорски избори во 2016 година имало една кандидатка – проф.д-р Елена Думова-Јовановска од Градежниот факултет во Скопје, додека на изборите во 2012 година биле две - проф. Весна Јаневска од Медицинскиот факултет и Мирјана Менковска од Институтот за сточарство.
Единствена ректорка на УКИМ досега била проф. д-р Радмила Кипријанова, и тоа во два мандата, во периодот од 1994 до 1998 година.
Таа е родена во 1940 година во Скопје. Се стекнала со докторат на техничкиот факултет на Универзитетот во Загреб. Била редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и политичар. Дипломирала на технолошкиот оддел на Техничкиот факултет во Скопје (1964), а докторирала на Универзитетот во Загреб (1974). Имала повеќе студиски престои во Европа. На Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје била од 1965 г., а како редовен професор - од 1986 г. Пензионирана е во 2004 година. Нејзини области се: математички методи во хемиското инженерство, моделирање и оптимизација на процесите и дизајнирање на експериментите. Кипријанова е автор на учебници и помагала, научни трудови и истражувачки проекти. Таа била и декан на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје во два мандата.
Проф. д-р Радмила Кипријанова
За Факултети.мк таа изјави:
- Тогаш беше чест да ве изберат за ректор. Особено што бев прва жена и на многумина тоа не им се допаѓаше. Во мојот мандат првпат воведовме интернет на факултетот – МАРНет - македонска академска мрежа. Една од работите на кои сакав да се фокусирам беше да се подобри образованието на учителите, на наставниците и затоа го формиравме Педагошкиот факултет во Скопје. Исто така и Педагошкиот факултет во Штип, зашто сметав дека тој град треба да добие факултет. Отпосле се изроди Универзитетот „Гоце Делчев“. Некогаш се водеше дебата помеѓу двајцата кандидати во најтесен круг на телевизија. Тоа беа вистински дебати - вели проф. д-р Кипријанова.
Таа била и потпретседател на Владата, министер за технолошки развој во Владата на СФРЈ, министер за наука во Владата на РМ, пратеник во Собранието на РМ.
Инаку, на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола досега имале една ректорка исто така. Тоа е проф. д-р Виолета Паноска, која била ректорка во периодот од 2003 до 2007 година.
Ова се сите ректори на УКИМ. Актуелен ректор е проф. д-р Никола Јанкуловски, кој исто така е кандидат за втор мандат.