X
 18.09.2024 Наша тема

Анастасија Петличковска, првенец на Медицинскиот факултет при УКИМ: „Одложувањето на испитите без претходна најава ми беше најстресно“

„Студирањето медицина е предизвикувачки и исцрпувачки процес, а работата како доктор е детерминантна на животниот стил на една личност, па сметам дека тоа е изводливо само ако се работи за 100 отсто лична одлука“, вели Анастасија Петличковска, дипломиран доктор по општа медицина и првенец на генерација на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Анастасија Петличковска, заедно со Аљбина Рамадани и Бојана Кацарова, ја доби наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“ што секоја година Лекарската комора на Македонија им ја доделува на тројцата студенти со највисок просек на трите државни медицински факултети во рамки на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) и „Гоце Делчев“ во Штип (УГД).



Иако нејзините родители се доктори, желбата за студирање медицина никогаш не ѝ била наметната, а одлуката за студирање била лично нејзина.

- И двајцата мои родители се доктори, но никогаш од дома не ми било наметнато да студирам медицина. Секако дека сум имала искуства од прва рака за предностите, но и за негативните страни на професијата, меѓутоа, одлуката да се запишам на Медицински факултет беше комплетно моја. Студирањето медицина е предизвикувачки и исцрпувачки процес, а работата како доктор е детерминантна на животниот стил на една личност, па сметам дека тоа е изводливо само ако се работи за 100 отсто лична одлука. Не можам да посочам некој конкретен момент или настан кога решив да студирам медицина, но не би можела да си замислам да не знам како и зошто функционира сѐ во моето тело – вели Анастасија за својот животен пат.

Да се биде меѓу најдобрите студенти во Македонија, бара од ученикот упорност, напорно учење и истрајност со оглед на тоа што 
студиите траат долго.

- Да се биде студент по медицина, секако е напорно, а самото времетраење на студирањето бара истрајност. Не мислам дека успехот на факултет може да се квантифицира само со просекот. Мене лично академската валидација отсекогаш ми била важна, па во текот на студиите давав сѐ од себе да одржам висок просек - објаснува Петличковска.

Според неа во текот на студирањето студентите по медицина неизбежно наидуваат на многубројни предизвици: како да се испланира времето за да не се пропушти некое задоволство, а обврските да се навреме завршени, како да се направи правилен распоред на испитите во сесија, како да се совлада некоја материја што навидум е невозможна.



- Испитните сесии се најстресниот период од годината. Повеќето испити на Медицинскиот факултет се состојат од повеќе делови: писмен, практичен, устен... па се случувало во една сесија да имаме повеќе од 15 поединечни полагања. Во вакви услови, за мене единствен начин на функционирање е држење до прецизно испланиран распоред за учење, одмор, полагање, тренинг... За жал, многу често се случуваше усните испити да се одложат или да се преместат без претходна најава, па се поклопуваа со друго полагање. Ваквите ситуации би ги издвоила како најстресни во текот на студирањето. Не можам, а да не го споменам и фактот колку всушност е далеку почетокот на кариерата од првиот академски час за студентите по медицина, што особено доаѓа до израз при споредбата со врсниците од другите факултети, кои многу порано добиваат шанса за вработување во својата професија и финансиски се осамостојуваат – го сподели Анастасија своето искуство од студиите.

За односот на професорите, Петличковска вели дека на Медицинскиот факултет има прекрасни професори и асистенти кои во своите предавања и вежби вложуваат многу енергија и се секогаш отворени за консултации или каква било соработка, но како и на секој друг факултет, и тука имало професори што биле помалку достапни и помалку заинтересирани.

Клиничките предмети на Анастасија ѝ побудиле најголем интерес за учење затоа што можела да го спои наученото со реални пациенти и случаи.



- За предметите на Медицинскиот факултет, интересно е што апсолутно сѐ е поврзано. Во првите студиски години, додека се учат претклиничките предмети, голем дел од материјата изгледа апстрактно, далечно и за многу работи си мислиме сигурно ова нема никогаш да ми притреба. Но, како што се надградува знаењето, на преминот од претклиничките кон клиничките предмети, веќе сѐ почнува да има смисла и секоја научена лекција се вклопува во големата слика, дури и оние за кои мислевме дека никогаш повторно нема да ги сретнеме или да ни притребаат. Особено интересни за учење ми беа клиничките предмети, кога имавме можност наученото да го споиме со реални пациенти и случаи. Како особено интересен предмет би го издвоила Патолошка физиологија, на која катедра бев студентски демонстратор во последната студиска година – открива таа.

Анастасија во моментов го извршува шестмесечниот стаж од Лекарската комора, задолжителен пред полагање на државниот испит. Истовремено ги завршува и последните обврски како студентски демонстратор на Катедрата за патофизиологија и нуклеарна медицина.

Таа се осврна и на улогата на лекарот во македонското општество со оглед на тоа што наскоро ќе го почне својот работен век во нашиот здравствен систем.

- Лекарот во секое општество, не само во македонското, има особено важна улога. За жал, денес лекарите од некоја причина не се доволно почитувани и ценети во нашето општество и често граѓаните пристапуваат со недоверба и скептицизам кон лекарскиот совет. Сметам дека ова во голема мера се должи на фактот што „доктор Гугл“ е најпосетената ординација, а неограничената достапност на информации од секое поле може да биде повеќе лоша работа отколку добра, кога тие не се правилно селектирани – смета Петличковска.



Прашањето за тоа што може или што сака да промени, Анастасија го одговори од гледна точка на студент и штотуку дипломиран доктор.

- Иако постојано се зборува дека професијата е дефицитарна, вработување во државна здравствена институција по дипломирање е реткост, особено во гранка по сопствен избор. Сметам дека е неопходно подобрување на ова поле, при што за студентите, односно младите доктори ќе се обезбедат соодветни можности по дипломирањето - истакна Анастасија.

И покрај аномалиите на нашиот здравствен систем, д-р Петличковска засега ја гледа својата кариера во Македонија, како доктор специјалист.
- Се надевам во специјалност по мој избор. Примарно сакам да се занимавам со клиничка практика, а науката е секако неизоставен дел од секоја специјалност - додаде Анастасија.


Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема