X
 25.05.2020 Образование

НАкС: Ректорот на УКИМ брза за избори во услови на вонредна состојба

Независниот академски синдикат (НАкС) реагира што ректорот на Универзитeтот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски ја продолжил постапката за избор на нов ректор во услови на вонредна состојба. Синдикатот веќе укажа на постапката почната кон средината на март, кога на онлајн-седница на Ректорската управа се донела одлука за закажување избори на нов ректор.



- Изнесувајќи ги бројните аргументи за незаконитоста на постапката и неподобноста таа да се изврши во услови на вонредна состојба, апелиравме изборите за ректор на УКИМ да се одржат во мирни времиња – велат од НАкС.

Во продолжение пренесуваме дел од образложението на Синдикатот, кој бара итно да се сопре постапката за избор на нов ректор на УКИМ во вонредна состојба:

„Како што веќе известија тројца проректори , на 26 мај е закажана седница на Сенатот на УКИМ, на која на дневен ред е ставена точката „Предлог одлука за начинот на спроведување на тајното гласање“. На 27 мај Сенатот треба да гласа за формирање Универзитетска изборна комисија без да се знае на кој начин ќе се одвива седницата ниту како ќе се спроведе постапката. На 28 мај, на седница на Ректорската управа треба да се донесе Одлука за објавување јавен оглас за избор на ректор на УКИМ, во која е предвидено рокот за пријавување на кандидатите да биде само пет работни дена.

Овие постапки се извршуваат во време кога претседавач на Сенатот на УКИМ е самиот ректор Јанкуловски, спротивно на членот 96 од Законот за високото образование, според кој треба да се избере претседавач од редот на универзитетските сенатори. Изборот на претседател на Сенатот претставува клучен услов за спроведување на фер и транспарентна постапка за избор на ректор. Во спротивно, постои висок ризик за злоупотреба на службената должност во постапката за избор на ректор, во ситуација кога проф. д-р Јанкуловски е истовремено ректор, претседавач на Сенатот и кандидат за ректор.

Нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образованиеза време на вонредна состојба предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, „мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба“. Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за споведување избори за ректор.

Бараме од ректорот Јанкуловски, сенаторите на УКИМ, како и проректорите и деканите како членови на Ректорската управа итно да ја сопрат постапката за избор на ректор во вонредна состојба. Постапката за избор на ректор мора да се одржи во редовни околности, при што покрај легалноста, треба да бидат обезбедени услови за транспарентност и фер претставување на кандидатитена првите непосредни избори за ректор на УКИМ“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование