X
 19.08.2020 Наша тема

Како да нѐ има на Шангајската листа со очаен буџет за научни истражувања?

Научниците во нашата земја немаат пристап до најголемите светски бази на научни информации Web of science и Scopus, вели проф. д-р Виктор Стефов. Од вкупните средства за наука во МОН, кои за 2019 година изнесуваа 309,6 милиони денари, само 92,3 милиони денари беа наменети за научноистражувачка работа

Научниците во Македонија немаат пристап до најголемите светски бази на научни информации, стипендираме последипломски и докторски студии на светските универзитети, а нема стипендии за вакви студии на универзитетите во Македонија. Ова се дел од заклучоците на д-р Виктор Стефов, редовен професор на Институтот за хемија при Природно-научниот факултет во Скопје во неговиот труд „Анализа на финансирањето и некои состојби на науката во РС Македонија“. Во анализата е опфатено финансирањето на науката во земјава во последните десет години.



Научноистражувачката работа на високообразовните институции е директно поврзана со светските рангирања на универзитетите. Викендов беше објавена Шангајската листа со најдобри универзитети во светот, а Македонија и годинава нема универзитет во првите 1.000. Слична беше и ситуацијата пред два месеца, со листата на Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR). На листата на Webometrics за четири години Македонија падна за околу 600 места.


Проф. д-р Виктор Стефов / Извор: Youtube

Научниците со години посочуваат како да го кренеме рејтингот на нашите универзитети на светските листи. Дел од факторите за високи позиции на Шангајската листа се цитирани научници, многубројни статии објавени во списанија со импакт-фактор, добитници на Нобелова награда и Филдсови медали. Според научниците, Македонија едноставно треба да го следи примерот на земјите во регионот кои се меѓу првите 500 на Шангајската листа, иако немаат добитници на престижните награди. Но, овие универзитети вложуваат многу пари во научноистражувачката работа.

Реалните состојби се полоши од бројките

Стефов е добар познавач на состојбите со науката во земјава. Тој е дециден дека развојот на едно општество зависи од степенот на развојот на науката, кој потоа се одразува и во сите други витални сегменти. Научноистражувачката дејност, пак, зависи од кадровскиот потенцијал, материјалните услови, поддршката за истражувања и достапноста до научна и стручна литература и до електронски бази на податоци.



- Државата треба да обезбеди поддршка на научноистражувачката дејност преку грижа за човечкиот потенцијал и условите за работа - поттикнување и унапредување на работата на научните работници од различни научни дисциплини за прашања значајни за развојот на земјата и научната мисла воопшто. Во развиените земји се вложуваат значајни средства во научноистражувачката дејност. Токму уделот на одделувањата за наука од бруто-домашниот производ (БДП) е во корелација со степенот на развиеност на една земја. Тенденцијата е да се достигне 2-3% од БДП за наука, што во современи услови доведува до развивање конкурентност преку воспоставување критериуми за финансирање и развој на кариера - објаснува Стефов.
За научната политика во Македонија е надлежно Министерството за образование и наука (МОН) преку Секторот за наука и иновации. Стефов потенцира дека во периодот на транзиција научноистражувачката дејност во Македонија не го добила потребното внимание и поддршка и не го дала очекуваниот придонес во економскиот развој на државата.



- Ако се погледнат вкупните трошоци за истражување и развој во Македонија во 2018 година во споредба со 2014 година, може да се забележи дека тие покрај тоа што се практично незначителни, уште се и намалени, иако истовремено БДП и буџетот на државата практично континуирано се зголемуваа. Со 0,35% од БДП издвоени за истражување и развој во 2017 и 2018 година, нашата држава се наоѓа на самото дно во Европа - вели Стефов.

Тој објаснува дека реалните состојби во науката се значително полоши. Голем дел од издвоените средства се наменети за покривање на трошоците за научна опрема (набавена со јавен повик од пред десет години), а во последните години голем буџет се одвојува за Фондот за иновации и технолошки развој, а тие се вбројуваат во вкупниот процент за наука.

- Така, средства за наука во потесна смисла, за поддршка на научни истражувања, во државата практично нема. За споредба, во Словенија (држава со приближно ист број на население и површина) во 2018 година издвојувањата за истражување и развој се за 50 пати поголеми отколку кај нас и изнесуваат околу 2% од БДП, иако нивниот БДП е само 5 пати поголем од нашиот - вели Стефов.

Од буџетот на МОН - 98,5% за образование, само 1,5% за наука

Во стратегијата за раст на Европската Унија се предвидува издвојувањата за истражувања и развој да достигнат 3% од БДП на Унијата, со што би се намалил јазот со САД (2,8%) и Јапонија (3,2%). Според структурата на вкупните трошоци за истражување и развој во Македонија, од 2014 до 2018 година уделот на бизнис-секторот континуирано се зголемува, а уделот на високото образование се намалува.



Анализата на Стефов покажува дека средствата за наука во МОН во 2018 година биле пониски за 16% во споредба со 2010 година, иако вкупниот државен буџет во меѓувреме се зголемил за 63%. Во 2018 година уделот на буџетот за наука во МОН во државниот буџет изнесувал 0,13%, а во 2010 година бил двојно поголем (0,25%). Буџетот за научноистражувачка работа во МОН во вкупниот буџет изнесува само околу 0,04%.

- Иако ресорот има назив Министерство за образование и наука, дури 98,5 % од средствата се распределуваат за образование, а само 1,5 % за наука. Тоа е вистински апсурд. Ако кон ова се додаде и фактот дека во 2018 година реализацијата на буџетот за наука изнесувала само 54%, тогаш нештата стануваат уште полоши. Од вкупните средства за наука во МОН, кои за 2019 година изнесуваа 309.649.000 денари, само 92.300.000 денари беа наменети за научноистражувачка работа. Останатите беа наменети за научните институти и проект за превод на книги. За проектот за превод на книги се издвоени 40.000.000 денари - 43% од вкупните средства за научноистражувачка работа - дециден е Стефов.



Тој нагласува дека веќе 10 години МОН не распишува конкурси за национални научноистражувачки проекти. Истовремено, билатералните проекти за кои се издвојуваат средства само за престои, а не и за истражувања, се сведени на проекти со само неколку земји.
- Во последните години, со големи средства за наши услови се финансираат последипломски и докторски студии на наши студенти во странство, а нема никаква помош/стипендии за усовршување на младите истражувачи за истите студии во сопствената држава. Ако на сето ова се додаде дека научниците во нашата земја немаат пристап до најголемите светски бази на научни информации Web of science и Scopus, тогаш навистина може да се заклучи дека финансирањето на научноистражувачката работа и условите за работа во областа на науката се на самото дно во Европа, но и пошироко - вели Стефов.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема