Додека на Европејците им се порачува да штедат енергија во текот на зимата што доаѓа, луѓето кои живеат во долината Бавона во Швајцарија немаат мака бидејќи никогаш не биле вклучени во мрежата.
Лоцирана во регионот Тичино, на југот од Швајцарија, каде што се зборува италијански, долината која ја следи реката Бавона е една од најстрмните на Алпите. Но, има 12 села со камени куќи расфрлани по должината на нерамната долина која е дом на неколку десетици жители во текот на поголемиот дел од годината, освен зиме, кога остануваат помалку од 10.
Единаесет од населените места не се поврзани со мрежата за електрично напојување и покрај тоа што областа произведува многу струја благодарение на браните лоцирани високо на планината. Според Романо Дадо, поранешен локален советник во Чевио, тие биле изградени по Втората светска војна за да обезбедуваат струја за регионот од Швајцарија каде што се зборува германски, на северната страна од Алпите.
- За носењето струја во долината би биле потребни трансформатори, но луѓето немале пари за тоа. Само последното село на врвот од долината можело да си го дозволи тој луксуз - објаснува тој.
Како што поминувало времето, населението во долината се намалило од околу 500 на помалку од 50 и жителите се научиле да живеат без да се поврзани на мрежата. Тие инсталирале соларни панели на покривите уште во 80-тите години, а го користат и огнот за загревање, како и свеќи, газиени ламби итн. Облеката си ја перат во реката.
Тесната долина во минатото била погодена од понекогаш фатални лавини, поплави и свлекувања на земјиштето. Сезонската миграција до летните пасишта опстојала во областа до 70-тите. Фамилиите оделе нагоре со нивните животни од март до крајот на декември и се враќале за Божиќ.
- Беше тежок, но едноставен живот - вели Биче Тонини (88) додека се грее покрај огништето во нејзиниот дом.
Покрај староста, таа живее таму од пролет до октомври благодарение на соларните панели.
Навечер нема улично осветлување кое би ја спречило да им се восхитува на ѕвездите и таа ужива во ноќната претстава многу повеќе отколку да гледа телевизија, што е ретка глетка во долината.
- Навикнати сме на едноставен живот и не се плашиме од штедење енергија - вели 81-годишниот Иво Дадо, кој е горд на тоа што инсталирал соларни панели уште во 1987 година.
Поранешниот фармер е одушевен што некои градови се откажуваат од осветлувањата за годинашниот Божиќ.
- Овој Божиќ ќе биде како порано, со помалку светло. Повторно ќе биде убаво - вели тој.
Извор:
rfi.fr
Фото: Freepik