Американскиот „Епл воч“ лани бил најпродаван паметен часовник, со повеќе продадени примероци од цела швајцарска индустрија, покажуваат податоците на „Стратеџи аналитикс“.
Извештајот проценува дека „Епл“ испорачал речиси 31 милион часовници во 2019 година, што е 36 отсто повеќе од претходната. Швајцарските Своч, ТАГ Хајер, но и сите други брендови испорачале околу 21,1 милион примероци, што е пад од 13 отсто во споредба со 2018 година.
„Епл“ сè уште ги нема објавено податоците од ланската продажба на „Епл воч“, но „Стратеџи аналитикс“ ги собрале податоците од малопродажните партнери и други доставувачи.
- Аналогните рачни часовници се популарни меѓу повозрасните потрошувачи, но помладите купувачи ги избираат паметните часовници и компјутеризирани верзии на рачен накит - објави Нил Мостон, извршен директор на аналитичката компанија.
И според аналитичарот Стивен Валцер, традиционалните швајцарски произведувачи на часовници ја губат битката против паметните уреди.
„Епл воч“ е долгогодишен лидер на пазарот на паметни часовници и еднаш веќе ја надмина швајцарската индустрија, според квартална продажба во 2017 година. Ова е прва полна година во која производот ги престигна сите свои аналогни конкуренти од оваа европска земја.
Извор: МИА