Во изминатите две години филмската продукција забави поради пандемијата, но тоа не значи дека немавме можност да гледаме некои интересни филмски остварувања и оригинални приказни.
Иако е рано, прогнозите за претстојната трка за „Оскар“ почнаа, а меѓу фаворитите досега главно се некои познати имиња.
Како најверојатни кандидати за „Оскар“ за најдобар филм се споменуваат „Белфаст“ (Belfast), полуавтобиографски филм на Кенет Бранa со Џејми Дорнан и Џудит Денч во главните улоги, „Моќта на кучето“ (The Power of The Dog), брутален вестерн кој следи сопственик на ранч кој ја тероризира новата сопруга на неговиот брат. Нејзината улога ја толкува Кирстен Данст, за која многумина предвидуваат дека ќе биде номинирана во категоријата најдобра женска споредна улога.
Фото: Screenshot/YouTube
Трет на листата е „Кралот Ричард“ (The King Richard), биографски филм за таткото на Серена и Венус, Ричард Вилијамс, кој го глуми Вил Смит. Долгоочекуваниот филмски хит „Дина“ (Dune), на Денис Вилануева, со својата сценографија и епска приказна ги освои гледачите, но и критичарите, па се наоѓа на врвот на топ-листите.
Фото: Screenshot/YouTube
Предвидувањата за „Оскар“ го посочуваат и филмот „Дете на глуви родители“ (CODA), кој следи тинејџерка, ќерка на глуви родители, која има неверојатен музички талент.
Филмот „Ликориш пица“ (Licorice Pizza), кој наскоро треба да се емитува, раскажува приказна од 70-тите години за средношколец кој го глуми Купер Хофман (синот на Филип Сејмур Хофман) и една млада жена во своите дваесетти години (Алана Хаим). Заедно со нив во филмот се појавуваат и Том Вејтс, Шон Пен и Бредли Купер.
Бредли Купер глуми во уште еден интересен филм што ќе привлече големо внимание, ноар трилерот на Гиљермо дел Торо - „Алејата на кошмарите“ (Nightmare Alley). Во него Бредли Купер е работник во патувачки циркус кој почнува да соработува со уште поопасниот психијатар (Кејт Бланшет).
Фото: Screenshot/YouTube
Меѓу најверојатните номинации за најдобар филм се и „Тик, тик... бум!“ (tick, tick… Boom!) на Лин-Мануел Миранда, биографска музичка драма за Џонатан Ларсон.
„Изгубената ќерка“ (The Lost Daughter) е режисерско деби на Меги Гиленхал според романот на Елена Фенарте, со Оливија Колман и Дакота Џонсон во главните улоги, кои исто така се споменуваат во женските номинации за најдобра главна и споредна женска улога.
Фото: Screenshot/YouTube
Првиот самостоен проект на Џоел Коен без учество на неговиот брат е „Трагедијата на Магбет“ (The Tragedy of Macbeth), нов поглед на делото на Шекспир со Френсис Мекдорманд и Дензел Вашингтон.
Навистина разновидни наслови и интригантни приказни се добра основа за возбудлива филмска сезона, но има уште време до „Оскарите“, па може да се појави уште еден неочекуван кандидат за престижните награди.
Извор:
Elle.hr
Фото: Screenshot/YouTube