За имиџот на Марк Закерберг и неговата слика пред јавноста се грижи „мала војска“ од вработени во компанијата, главно ПР експерти и професионални фотографи.
Марк Закерберг работеше напорно минатите години за да го „испегла“ имиџот што го стекна јавноста по објавувањето на филмот „Социјална мрежа“ каде е прикажан како „необично момче“ кое се збогати со наводна кражба на туѓа идеја. За да создаде „совршена слика“ за себе, односно да ги прикаже само најдобрите работи од својот приватен и професионален живот, на Закерберг му помага „
мала војска“ од вработени во компанијата – дел од нив имаат задолжение да му ги пишуваат говорите и објавите на оваа мрежа, додека најмалку дванаесетмина од нив внимаваат на коментарите на корисниците на „Фејсбук“ и одговараат на нив, а навредливите коментари и спамовите ги бришат навремено. Исто така, за објавата на приватни фотографии на „Фејсбук“, задолжени се пофесионални фотографи кои ги следат неговите патувања и активности.
Начинот на кој се води неговиот профил на „Фејсбук“ се споредува со оној на Барак Обама (можеби некогаш и Марк ќе се кандидира за претседател на САД), и велат дека во своите објави Закерберг ги комбинира деловните информации и фотографии од приватниот живот. Дејвид Шерон, професор на Универзитетот Беркли истакна дека Марк во последно време сфатил дека сликата за него во „дигиталниот домен“ мора да биде контролирана и дека мора да биде прикажан во своето најдобро светло. Според реакциите на фејсбук-корисниците, се чини дека „пиарот“ на компанијата одлично ја работи својата работа затоа што неговите објави редовно добиваат по неколку стотици илјади лајкови (некои и повеќе од милион), а заради начинот на комуникација на оваа мрежа шефот на Фејсбук денес многумина го сметаат за „обичен човек“ кој не се издвојува премногу од просекот.