X
 20.04.2020 Живот

Професионалниот велосипедист Давид Мартинели им доставува лекови и храна на постарите жители на Лодето

Нема навивачи. Нема кој да му дава поддршка. И нема трка што треба да се победи.

Професионалниот велосипедист Давид Мартинели реализира морална победа користејќи го својот велосипед за да им достави лекови и храна на постарите лица, како и на другите луѓе што имаат потреба во ова време на пандемија.

Услугата е од голема корист во Лодето, родниот град на Мартинели кој се наоѓа во тешко погодениот регион Ломбардија, Северна Италија. Селото нема ниту аптека ниту супермаркет.

Мартинели секојдневно патува до соседниот град Ровато за да земе резерви.

1
Фото: Screenshot/Sport.es

- Имам велосипед и две нозе кои се во прилично добра форма, така што возењето 10 километри на ден за мене не е ништо. Сакам да им помогнам на луѓето кои секогаш ме поддржуваат во текот на сезоната. Време е да им дадам нешто за возврат - вели тој.

Мартинели се здружил со фејсбук-групата „Лодето солидале“ (Поддршка за Лодето), каде што оние што имаат некаква потреба или им треба помош можат да ги постават своите барања на интернет, преку телефон или порака. Мартинели ги прима нарачките секоја вечер и мапира маршрута за наредниот ден.

- Одам во аптека и кога ќе пристигнам, ставам ракавици и маска. Ако одам наместо тројца или четворица, постои помал ризик за зараза - вели Мартинели.

Извор: Thenational.ae
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот