X
 20.04.2022 Образование

Тренчевска тврди дека не е притисок ако не се исплати платата за време на штрајкот

Не се работи за притисок, ниту за каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор. Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавецот, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа појаснува дека тоа е дефинирано и во Законот за работни односи, каде што се вели дека во услови на штрајк, работодавецот е должен да им исплати придонеси на сите оние работници што штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член, вели таа, дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето-плата за сите оние работници што штрајкуваат.

– Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките што штрајкуваат – рече Тренчевска.

Нагласува дека доколку таа како министер не постапи согласно со тоа што е предвидено во законите, може да сноси кривична одговорност.

– Јас како министер мора да го почитувам Законот и мора да го почитувам Колективниот договор. Сѐ друго што ќе биде направено и она што е мое законско овластување ќе биде злоупотреба на службена положба, а со оглед на тоа што е врзано со фискални импликации ќе значи кривична одговорност. Не сакам да се впуштам во нешто што ќе значи кривична одговорност поврзана со моето работење, ниту прекршување на законската регулатива – нагласи министерката.

Штрајкот на вработените во градинките и во образованието трае една недела, а членовите на СОНК и вработените во градинките го одбија предлогот на Владата за 10 отсто зголемување на платите ценејќи дека со тоа не се исполнуваат нивните основни барања за зголемување на платата од 18,4 отсто, согласно Колективниот договор.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование