X
 20.07.2026 Наша тема

Андреј Рајатоски, познат како Градинарот: „Јавниот простор е наш заеднички дом и сите сме одговорни за него“

Повеќе од една година Андреј Рајатоски од Скопје, познат под псевдонимот Градинарот, бесплатно ги уредува парковите низ Скопје, односно ги чисти и средува зелените површни низ неколку населби во главниот град. Андреј ѝ го привлече вниманието на јавноста и благодарение на објавите на социјалните мрежи, па на улица веќе го препознаваат и му се нудат за помош.

За Факултети.мк раскажа како неговиот ентузијазам се претворил во иницијатива за чување и негување на животната средина, односно како се роди идејата да чисти запуштени јавни површини.

- Секојдневно гледав странски креатори на ваква содржина, а знам дека ние имаме доста запуштени зелени површини, преполни со отпад и висока трева, па решив јас да бидам човекот што ќе го прави тоа кај нас. Не би рекол дека акциите се насочени против институциите, туку правам нешто во кое уживам додека го правам - вели Андреј.

Според него, најголем проблем се дивата вегетација и отпадот што се собира околу зеленилото, но вели дека со малку труд може да се промени изгледот на околината.

- Најчесто проблем се диво израснатата вегетација, обраснатите тревници, запуштените жардиниери и отпадот што се собира околу зелените површини. Има многу места кои со малку труд можат целосно да го променат изгледот на една населба - истакна Градинарот.



Локациите што ги избира за своите акции се претежно места каде што тој и граѓаните секојдневно поминуваат, но и фреквентни делови од градот каде што промената ќе биде највидлива.

- Локациите најчесто ги добивам по предлози од граѓани или сам ги забележувам додека се движам низ градот. Гледам да изберам места кои ги користат многу луѓе и каде што промената ќе биде највидлива. Фокусот ми е секогаш на средување на зеленилото, чистење на просторот и враќање на пријатниот изглед - истакна Андреј.

Со ракавици, алатки, вреќи за ѓубре и голема желба за промена, Градинарот покажа дека сака да направи разлика. Тој е економист по професија, но секогаш имал голема љубов кон градинарството.

- Економист сум по професија, но градинарството отсекогаш ми било голема љубов. Не ги гледам како две спротивности. Напротив, економијата ми помага подобро да ги организирам проектите, соработките и ресурсите, додека градинарството ми дава можност директно да создадам нешто корисно и видливо. Верувам дека успешно можат да се спојат - вели Андреј.

Андреј работи сам, но секој што сака чист град во секое време може да му се приклучи и да придонесе за неговата иницијатива. Неговите видеа брзо станаа хит на социјалните мрежи и Градинарот доби огромна поддршка од граѓаните.


Пораката што ја праќа Андреј со своите акции е многу едноставна - тој би сакал овие акции да станат помасовни со цел ефектот да биде поголем.

- Пораката е едноставна – јавниот простор е наш заеднички дом и сите сме одговорни за него. Не мора секој да организира голема акција; доволно е да не фрла отпад и да придонесе колку што може. Секако дека би сакал овие акции да станат помасовни и од таа причина организираме вакви акции насекаде низ државата, бидејќи тогаш ефектот би бил многу поголем и би се создала вистинска култура на грижа за околината - истакна Андреј.



Иако сме општество со ниска еколошка свест, Андреј верува дека еден човек може да направи разлика.

- Верувам дека може. Еден човек можеби не може да го исчисти цел град, но може да биде пример што ќе ги поттикне другите. Кога луѓето ќе видат конкретна акција, полесно се охрабруваат и самите да направат нешто. Разликата не се прави преку големи зборови, туку преку мали, но постојани дела - заклучува Градинарот.



Фото: принтскрин/фејсбук

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Наша тема