X
 07.10.2026 Живот

.„Не одам на мамографија, многу зрачи!“ Катерина Китановска, примариус специјалист по радиодијагностика, ги разрешува митовите за скринингот

Информираноста е првиот чекор кон создавањето здрави навики. Не треба да чекаме кампања за да се сетиме на себе. Не треба да чекаме да напипаме грутка. Не треба да чекаме некоја блиска жена да се разболи за да помислиме на сопственото здравје. Потребно е да знаеме кога треба да се прегледаме, кој преглед е соодветен за нас и каде можеме да побараме стручен совет. Розовиот октомври има важна улога, но октомври не смее да биде единствениот месец за женското здравје, изјавува докторката Китановска

„Ќе одам на мамографија ако напипам нешто“, ова е реченица што ние лекарите често ја слушаме. Проблемот е што токму ова размислување води кон одложување на прегледот, ни сподели Катерина Китановска, примариус специјалист по радиодијагностика од „Центар за дојка“.

Скринингот не постои за да потврди дека жената има проблем. Неговата цел е да открие евентуална промена во најрана можна фаза, кога таа сè уште не може да се почувствува.

- Ракот на дојката во раната фаза често не боли, не се напипува и не дава видливи промени.
Моето искуство покажува дека жените често не го избегнуваат прегледот затоа што немаат време, туку затоа што ги запира стравот од резултатот, непријатноста од прегледот и нејасните или погрешните информации за мамографијата. Дури и таму каде што прегледот е организиран, достапен и бесплатен, а жените добиваат и лична покана, на преглед се одѕива само дел од нив. Тоа покажува дека достапноста не е доволна. Потребна е и доверба.
Една од најважните работи што треба да ја запомниме е дека редовниот скрининг овозможува болеста да се открие пред да стане клинички забележлива. Токму тоа создава поголеми шанси за навремено лекување - вели Катерина.



„Не одам на мамографија, многу зрачи“


Како што ни споделува таа, постојат неколку митови и погрешни уверувања за прегледите на дојките со кои често се соочуваат. Многу од жените избегнуваат да одат поради верувањето дека мамографијата многу зрачи.

- Стравот од зрачењето е еден од најчестите аргументи со кои жените го одложуваат мамографскиот преглед. Мамографијата користи јонизирачко зрачење, но современите апарати работат со мала и контролирана доза. Токму затоа мамографијата се користи во скрининг-програмите, при што се зема предвид односот меѓу потенцијалниот ризик од изложеноста на зрачењето и користа од раното откривање на ракот на дојката. Важно е да знаеме дека не постои медицински преглед кој е целосно без ризик. Прашањето е дали ризикот е оправдан во однос на користа за здравјето и животот. Кај мамографијата, токму можноста да се открие промена пред да стане опиплива е една од главните причини поради кои таа има важно место во раното откривање. Мамографијата може да покаже промени во дојката кои не се опипливи и не даваат симптоми. Може да открие и микрокалцификации и други промени во момент кога жената не чувствува ништо - изјавува Китановска.

Важно е да се знае и дека мамографијата и ултразвукот (ехо) не се конкуренти. Тие се различни дијагностички методи и зависно од возраста, густината на дојките и индивидуалниот ризик, можат да се надополнуваат.

Според Китановска, една од најсериозните заблуди е „Ќе одам ако напипам нешто“.

- Ракот на дојката не мора да боли. Не мора да постои грутка. Не мора да има промена на кожата или на брадавицата. Во раните фази може да нема никаков симптом. Токму затоа постои скринингот. Целта е евентуалната промена да се открие пред жената да може да ја почувствува. Затоа не треба да чекаме нешто да нè загрижи за да направиме преглед. Редовниот преглед, сепак, не значи дека секоја жена треба сама да прави план за преглед. Возраста, густината на дојките, семејната историја, генетскиот ризик и други индивидуални фактори влијаат врз препораката. Токму затоа, планот за прегледи треба да се утврди во консултација со лекар - споделува Китановска.


Фото: magnific
Мамографијата знае да биде непријатна, па многу девојки и жени ја избегнуваат токму поради тоа.

- За да се добие квалитетна снимка, дојката кратко се компресира. Самата компресија трае многу кратко. Но, краткотрајната непријатност не треба да биде причина да се избегне преглед кој може да открие промена пред таа да стане клинички забележлива. Понекогаш проблемот не е само во самиот преглед, туку и во стравот од резултатите. Жената која првпат доаѓа на мамографија можеби не знае што ја очекува, па затоа објаснувањето од страна на медицинскиот персонал е многу важно - вели докторката.

„Немам рак во семејството, значи не сум ризична“


Семејната историја е важен фактор при процената на ризикот. Но, отсуството на рак на дојката во семејството не значи дека жената нема ризик да ја развие болеста.
Затоа овој аргумент „Немам рак во семејството, значи не сум ризична“, кој многу жени го земаат здраво за готово, не треба да биде причина за избегнување на редовните прегледи.

- Жената треба да му каже на лекарот доколку во семејството има случаи на рак на дојката или на јајчниците. Тој податок може да биде важен при процената на нејзиниот индивидуален ризик и при одредувањето на динамиката на следење. Но, процената не се темели само на семејната историја - вели Китановска.

Некои жени се со ставот „правам самопреглед, не ми треба мамографија“. Самопрегледот е добра навика. Жената треба да ги познава своите дојки и да знае да препознае нова промена. Сепак, самопрегледот не е замена за скрининг.

- Едното не го исклучува другото. Самопрегледот може да ѝ помогне на жената да забележи промена, додека мамографијата може да открие одредени промени пред тие да бидат опипливи. Некои жени се плашат од резултатите. Овој страв можеби е еден од најтешките за надминување. Многу жени не се плашат од самиот преглед, туку од она што би можел да го покаже резултатот. Понекогаш токму поради тој страв го одложуваат прегледот со месеци или години. Но, избегнувањето на прегледот не ја менува здравствената состојба. Само го одложува моментот кога ќе ја добиеме информацијата. Затоа треба отворено да разговараме и за стравот. Не треба да ѝ кажеме на жената дека нема од што да се плаши. Сосема е разбирливо човек да се плаши кога станува збор за сопственото здравје - вели докторката Китановска.

Таа подвлекува дека „редовен преглед“ не значи „еден преглед и готово“. Редовниот преглед подразбира план за следење на здравјето според возраста, индивидуалниот ризик и препораките на лекарот.

- Тоа не значи дека секоја жена треба сама да одлучува дали секоја година ќе прави мамографија, ултразвук или друг преглед. Некогаш е потребен само еден метод, некогаш дополнителна дијагностика. Кај некои жени се препорачува почесто следење, особено ако постојат фактори на зголемен ризик. Затоа е важно жената да не се потпира на туѓо искуство како на правило за себе. Тоа што некоја пријателка прави одреден преглед еднаш годишно не значи дека истата динамика е соодветна за секоја друга жена. Најсоодветниот преглед и интервал се одредуваат според индивидуалниот ризик - вели Катерина.



Најмладите не треба да бидат заборавени


Кога зборуваме за рак на дојката, најчесто се обраќаме кон жените во средна и повозрасна возраст. Но, важно е и младите девојки уште од најрана возраст да стекнат навика да се грижат за своето здравје.

- Многу млади жени не знаат како правилно да направат самопреглед, кои промени треба да ги забележат и кога треба да се обратат кај лекар. Затоа во текот на Розовиот октомври, ПЗУ „Центар за дојка“ има бесплатно советувалиште за здравјето на дојките, наменето за сите жени и млади девојки кои сакаат да добијат повеќе информации. Добредојдени се и мажите кои сакаат да се информираат, бидејќи иако ракот на дојката кај мажите е редок, тој постои и важно е промените да не се игнорираат - споделува докторката Китановска.

Во советувалиштето, жените и девојките можат да разговараат за самопрегледот, препознавањето на симптомите, превентивните прегледи и тоа кога и колку често треба да се прават.

- Информираноста е првиот чекор кон создавањето здрави навики. Не треба да чекаме кампања за да се сетиме на себе. Не треба да чекаме да напипаме грутка. Не треба да чекаме некоја блиска жена да се разболи за да помислиме на сопственото здравје. Потребно е да знаеме кога треба да се прегледаме, кој преглед е соодветен за нас и каде можеме да побараме стручен совет. Розовиот октомври има важна улога, но октомври не смее да биде единствениот месец за женското здравје. Еднаш годишно, целото општество посветува посебно внимание на ракот на дојката и на потребата од превенција и рано откривање. Но, на 1 ноември не престанува потребата од грижа за здравјето. Октомври треба да биде потсетник, а не рок. Грижата за здравјето не треба да биде обврска што ја исполнуваме еднаш годишно. Таа треба да стане навика. Не чекајте да напипате нешто за да побарате преглед - апелира нашата соговорничка.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот