X
 20.10.2018 Наука

Загрижувачко е исчезнувањето на инсектите од целиот свет

Инсектите од целиот свет се во криза, покажуваат мал, но растечки број на долгорочни студии кои укажуваат на драматичен пад на популацијата на безрбетниците.

Нов извештај посочува дека проблемот е пораспространет отколку што мислат научниците. Огромен број бубачки се загубени во недопрена национална шума во Порторико, стои во студијата, а исчезнале и животните од шумата кои се прехранувале со бубачки.

Во 2014 година меѓународен тим на биолози проценил дека во изминатите 35 години изобилството на безрбетници, како пчели и бумбари, се намалило за 45 отсто. На местата каде што има долгорочни податоци за инсектите, претежно во Европа, бројот на инсекти драстично опаѓа.

Една минатогодишна студија покажала 76-отстотно намалување на летечките инсекти во изминатите неколку децении во германските природни резервати.

Последниот извештај, објавен во понеделникот, покажува дека оваа загуба на инсекти се проширила до Америките. Авторите на студијата ги вмешуваат климатските промени во загубата на тропските безрбетници.

Брадфорд Листер, биолог на Политехничкиот институт „Ренселер“ во Њујорк, ги проучувал инсектите од дождовните шуми во Порторико уште од 70-тите години. Ако Порторико е островот на магијата, тогаш неговите дождовни шуми се магични шуми на магичен остров, вели Листер.

Птиците и жабите треперат под 15 метри високиот светлозелен свод. Шумата именувана Ел Јунке е добро заштитена. Теодор Рузвелт ја направил национален резерват и таа е единствената тропска дождовна шума во Националниот шумски систем.

- Бевме во 76 и 77 година за да ги измериме ресурсите: инсектите и безрбетниците во дождовната шума, птиците, жабите, гуштерите - вели Листер.

Тој се вратил по речиси 40 години заедно со неговиот колега Андрес Гарсија, еколог од Мексико. Она што научниците не го виделе при враќањето ги загрижило.

Летале помалку птици. Пеперутките, кои некогаш ги имало во изобилство, сега ги немало во толкав број.

Гарсија и Листер уште еднаш ги измериле инсектите и другите безрбетници, членконогите, во кои се вклучени и пајаци и стоногалки. Со посебни техники утврдиле дека биомасата (сувата тежина од сите безрбетници што ги фатиле) значително опаднала од 1976 година до денес.

Друг истражувачки тим користел мрежи за да фаќа птици во 1990, па потоа пак во 2005. Уловот опаднал за околу 50 отсто.

Гарсија и Листер ги анализирале податоците фокусирајќи се на безрбетниците. Кај птиците што јадат овошје и семки немало промена во бројноста. Но, бројот на познатата зелена птица наречена порторикански тод, која јаде речиси само бубачки, се намалил за 90 отсто.

Листер и Гарсија за намалувањето на бројот ја обвинуваат климата. Во истиот 40-годишен период кога се намалувал бројот на инсектите и на птиците и жабите што јадат инсекти, просечната температура во дождовната шума се зголемила за 2,2 Целзиусови степени.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука