X
 20.11.2020 Наука

Збунети сте во врска со носењето маски? Еве што знаат научниците

Истражувањата може да се несовршени, но сè уште се развиваат. Во моментов маските се неопходни за да се забави пандемијата.

Поради пандемијата која е во полн ек, научниците низ светот ги повикуваат властите да усвојат неколку здравствени мерки што се покажале како успешни во забавувањето на вирусот, како што се употреба на универзална маска, физичко дистанцирање, добра вентилација во затворен простор и хигиена на рацете.

Носењето маски стана контроверзно во последните неколку месеци. Постојат голем број луѓе што мислат дека носењето маски е неефективно, иако меѓу експертите за јавно здравје е едногласно одобрувањето на задолжителното носење маски.

- Колку повеќе луѓето носат маски, толку повеќе се штити заедницата и затоа имате поголема индивидуална корист - вели д-р Џон Брукс, директор на програмата за ковид-одговор при Центарот за контрола и превенција на болести.

Д-р Брукс вели дека од маските имаат корист оние што ги носат, но и другите околу нив. Зголемувањето на процентот на луѓе што носат маски за 15 отсто може да спречи воведување карантини и со тоа ќе се намалат економските загуби.

maski
Фото: Freepik

- Ако не може да ни помогне да го избегнеме карантинот, секако може да ни помогне да го намалиме врвот на зарази  - вели тој.

Другите експерти забележуваат дека мерката со маските не може да функционира сама.

- За да се контролира ширењето на Ковид-19 и да се заштитат поединците, потребен е повеќеслоен пристап - вели Џон Волкенс, инженер за јавно здравје на државниот универзитет Колорадо во Форт Колинс.

Во август д-р Волкенс организирал работилница за националните академии на науките, инженерството и медицината за начините да се спречи пренесување на вирусот во воздухот.

- Маските се критичен дел од тој пристап. Тоа е дефинитивно консензусот меѓу научниците - вели тој.

Кој доказ го користат научниците како поддршка на носењето маски и што е со најновото данско истражување кое го доведува во прашање фактот дека маските го штитат носителот? Еве што имаат да кажат експертите за овие најнови докази.

Постојат маски и маски


Терминот маска се однесува на секаков вид заштитна обвивка на лицето, но нејзината ефикасност во голема мера зависи од видот. Златниот стандард е маска Н95, која, како што посочува нејзиното име, може да блокира 95 отсто од штетните честички. Хируршките маски се исто така високо ефикасни во филтрирањето на овие честички.

Но, експертите велат дека само за здравствените работници е потребна заштита со златен стандард. Лекарите и медицинските сестри се во голема близина на заразени пациенти подолго време, што значително го зголемува нивниот ризик од инфекција со коронавирусот, забележува д-р Брукс.

Просечната личност, од друга страна, е изложена на многу помалку вируси и поретко, и така може да се заштити со повеќеслојна маска од ткаенина, вели д-р Брукс. Најдобрите ткаени прекривки за лице, што имаат повеќе слоеви што можат да ги заробат вирусните честички - најгустите претежно не пропуштаат светлина - се исто ефективни како хируршките маски во некои околности. Освен тоа, тие можат повторно да се користат и се потрајни, и по нивното редовно перење тие ја задржуваат нивната ефикасност. Маските Н95 и хируршките маски обично се носат еднаш и завршуваат в ѓубре.

Маските спречуваат заразените лица да го шират вирусот


Неоспорно е дека респираторните Н95 и хируршките маски спречуваат патогени инфекции - токму затоа лекарите традиционално носат хируршки маски за да ги заштитат своите пациенти.

Постојат голем број докази дека и маските направени од ткаенина го запираат вирусот ако заразеното лице зборува, пее или вика. Повеќе од 50 отсто од сите инфекции може да се пренесат од асимптоматско лице.

Епидемиолошките студии покажуваат дека употребата на маски е голема во земјите што успешно го контролирале вирусот.

maski
Фото: Freepik

Маските го штитат носителот, иако
сè уште е нејасно колку ефикасно

Сите видови маски му нудат на носителот одреден степен на заштита, покажаа повеќе студии. Точно колку заштита, сè уште не е јасно.

- Заштитата на носителот не е 100 отсто. Затоа е важно и универзалното носење маски, затоа што треба да ги носат и луѓето што се заразени - вели д-р Леана Вен, поранешна помошничка-комесарка за здравство во Балтимор.

Се смета дека Н95-маските се најефикасни во овој поглед, проследени со хируршките маски. Но, доказите во корист на маските од ткаенина се многу малку.

- Нема многу добри истражувања за заштита на носителот на ваквите маски - вели Линси Мар, експерт во „Вирџинија Тех“. Сепак, таа додава дека повеќето истражувачи претпоставуваат дека маските од ткаенина обезбедуваат барем одредена заштита. Но, едно истражување вели дека маската направена од четири слоја цврсто плетена хируршка газа спречува пренесување поефикасно кога ја носат двете страни отколку кога ја носи само заразеното лице.

Потешко е да се проучуваат маските отколку лековите или вакцините


Критичарите на мерките за носење маски долго време бараат рандомизирано клиничко испитување што ја утврдува нивната ефикасност. Но, иако ваквите испитувања се стандард за лековите и вакцините, маските не се идеални за таква процена.

- Покажете ми ги клиничките испитувања што ја покажуваат ефикасноста на миењето на раце. И мислам дека сите се согласуваме дека пушењето предизвикува рак и е лошо за вас - дали тоа значи дека не можеме да веруваме дека пушењето предизвикува рак затоа што нема клиничко испитување? - вели д-р Волкенс.

Повеќето истражувања за прекривки за лице од ткаенина биле набљудувачки и се испитувало дали нивната употреба го спречила ширењето на ниво на заедница. Во едно истражување двајца фризери што имале симптоми и носеле маски не го пренеле вирусот на ниту еден од нивните 67 клиенти, кои исто така носеле маски.

Данско истражување објавено во средата беше рандомизирано клиничко испитување за процена дали маската ги заштитува оние што ја носат. Истражувањето не најде статистички значаен ефект. Но, тоа има сериозни ограничувања, велат експертите: беше спроведено кога преносот на заедницата во Данска беше мал, а маските беа далеку од нормата. Бројките во истражувањето беа мали, а само половина од субјектите што носеле маски изјавиле дека го прават тоа како што е препорачано. Дури и оние што ги носеле редовно не би ги носеле во ресторани, барови, спортски сали или во нивните домови.

- Тешко е да се направат вакви истражувања во реалниот живот - вели д-р Мар.

Сепак, истражувањето откри 15 отсто заштита за носителот, иако бројката не е статистички значајна. Но, тоа може да е потценето, велат д-р Мар и други истражувачи.

- Јас и понатаму сметам дека маските се најевтината, најефикасната интервенција што можеме да ја имаме тогаш кога не е возможно физичко дистанцирање или ако вентилацијата во затворените простории е слаба - вели Џулијан Танг, професор по респираторни науки на Универзитетот во Лестер, Велика Британија.

maski
Фото: Freepik

Со текот на времето препораките за маски се променија. Но, така функционира науката


Уште од почетокот на пандемијата се критикуваат советите на здравствените власти за носењето маски. На почетокот се охрабруваа да носат маски само симптоматските луѓе. Не се препорачуваше универзална употреба на прекривки за лице. Светската здравствена организација во јули излезе со став дека сите треба да носат маски.

Природно е кога се работи за непознат вирус препораките значително да се променат со текот на времето. Сега знаеме многу повеќе и мислам дека треба да признаеме дека не сме биле во право - вели д-р Вен.

Сепак, промените во насоките треба да се гледаат како знак дека политиката ја следи најновата наука, додава таа.

- Секако, таа промена меѓу луѓето изгледа како експертите за јавно здравје да не знаат што прават - вели д-р Вен.

На пример, на почетокот не беше јасно дека вирусот може да се пренесе преку воздух, особено во затворени простории и од луѓе без симптоми. Значи, научниците претпоставиле дека новиот коронавирус се однесува како САРС и МЕРС.

Но, потоа здравствените власти брзо препорачаа маски откако беше јасно дека асимптоматскиот пренос е голем придонесувач.

- Науката се менува. Така правиме и ние, и нашите препораки - вели д-р Брукс.

Сега има доволно докази да се каже дека носителот има корист од маската.

- Нашите упатства не се променија - препорачувам сите да носат маски. Она што се смени е што сега можеме да ви дадеме причина - лична причина што ќе ги мотивира луѓето - вели тој.

Само носењето маски не е доволно за да се запре ширењето


Сите експерти истакнуваат дека употребата на маски е само една алатка за забавување на пандемијата. Физичкото дистанцирање, вентилацијата и хигиената на рацете исто така се важни.

- Ниту една од овие мерки не е 100 отсто ефикасна сама по себе. Но, кога ќе ги комбинираме, тогаш можеме да го намалиме ризикот од пренесување - вели д-р Мар.

Носењето маски исто така е една од најлесните стратегии на заедницата што треба да се усвои, бидејќи државите се обидуваат да спречат воведување карантин и полициски час.

- Силно веруваме дека универзалните политики за носење маски може да спречат воведување карантин и полициски час - вели д-р Брукс.

Извор: New York Times
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука