Поради проблемот со загадувањето на воздухот, ИКЕА се обврза да даде придонес на ова поле создавајќи ги завесите „Гунрид“ за прочистување на воздухот, со минерална површина што ги разложува вообичаените загадувачки материи.
Површината на завесата е третирана со минерал на фотокатализатор што предизвикува загадувањето на воздухот да се разложи кога ќе помине светлина низ неа, овозможувајќи им на корисниците да го прочистат воздухот во своите домови.
Технологијата работи на сличен начин како фотосинтезата - природниот процес што го користат растенијата и други организми за конвертирање на јаглеродниот диоксид и водата во храна, користејќи ја светлината.
ИКЕА работела на завесата неколку години во соработка со универзитетски институции во Европа и во Азија. Оваа технологија за прочистување работи и со природна и со вештачка светлина.
- Важно е да работиме на производи што ги решаваат актуелните проблеми и се релевантни за луѓето - објасни Маурисио Афонсо, девелопер за производи од ИКЕА.
- Текстилот нашироко се користи низ домаќинствата, а со нашите завеси што го чистат воздухот создаваме евтино решение што заштедува простор и го прави домот поубав - додава тој.
Завесите ќе бидат пуштени во продажба во продавниците на ИКЕА наредната година и се дизајнирани да го намалат загадувањето на воздухот, кое станува сè почесто бидејќи сè поголем број на луѓе се преселуваат во градовите.
Според Обединетите нации, до 2050 година се очекува 68 отсто од населението во светот да живеат во урбаните средини каде што квалитетот на воздухот е лош.
Светската здравствена организација објави дека 91 отсто од светското население живеат во области каде што загадувањето на воздухот ги надминува ограничувањата дадени од СЗО.
Загадениот воздух убива околу 7 милиони луѓе во светот на годишно ниво.
- Освен што им овозможува на луѓето да дишат поквалитетен воздух дома, се надеваме дека завесите ќе ја зголемат свеста на луѓето за загаденоста на воздухот во затворен простор, инспирирајќи промени што ќе придонесат за свет со чист воздух - изјави шефот за одржливост на ИКЕА, Лена Прип-Ковац.
Од ИКЕА велат дека завесите нема да го решат проблемот со загадениот воздух, но тие може да се чекор плус во помагањето на нивните клиенти да ги намалат ризиците поврзани со дишењето воздух со слаб квалитет. Технологијата што ја развиле може да се примени на кој било текстил.
- Знаеме дека не постои единствено решение за
решавање на проблемот со загадениот воздух. Работиме долгорочно за позитивни промени за да им овозможиме на луѓето да живеат поздрав и поодржлив живот - додаде Лена.