X
 21.06.2021 Спорт

Алкохолот е дозволен, но нема да се делат презервативи. Еве каде ќе спијат спортистите на Олимпијадата

Организаторите на Олимписките игри во Токио го покажаа олимпиското село во кое ќе бидат сместени 11.000 спортисти од целиот свет за време на настанот. Игрите, кои беа одложени за цела година, треба да започнат на 23 јули и покрај грижите за безбедноста во поглед на ширењето на коронавирусот.

Во Јапонија се одбегнуваат настаните што предизвикаа ширење на коронавирусот во други земји, но вакцинацијата во оваа азиска земја напредува бавно и во некои делови здравствениот систем е оптоварен. Затоа, многумина ја критикуваат одлуката на владата да ги одржи Олимписките игри. Во саботата бил потврден и позитивен случај на коронавирус кај спортист од Уганда што пристигнал во Јапонија за подготовка пред игрите.


За време на игрите, сите спортисти ќе бидат пренесувани од и до олимпиското село и ќе бидат тестирани секој ден. На настаните ќе биде забрането пеење и навивање и ќе бидат задолжителни маските речиси цело време, освен за време на тренинг, натпревар, јадење и спиење. Спортистите ќе јадат сами, ќе држат растојание и ќе ги бришат масите по јадењето.

Организаторите откриле и дека на спортистите ќе им биде дозволено да внесуваат алкохол во собите за да се спречи ширењето на коронавирусот. Меѓутоа, оваа година нема да им се даваат презервативи на спортистите за време на престојот како на претходните игри, туку при заминување од олимпиското село. Сите учесници добиваат презервативи уште од Олимписките игри во Сеул во 1988 година со цел да се зголеми свеста за сидата.


Фото: Pixabay

Неофицијално, на церемонијата на отворањето ќе биде дозволено присуство на околу 20.000 гледачи, а на другите натпревари ќе се дозволи присуство на најмногу 10.000 луѓе.

По Олимписките игри, комплексот во кој ќе бидат сместени спортистите ќе биде претворен во станови, а трговскиот центар е направен од дрво кое потоа ќе биде донирано. Изградбата на трговскиот центар чинела 2,4 милијарди јени (22 милиони долари), а станбениот комплекс 54 милијарди јени.

Извори: Reuters | Japan Times
Фото: Youtube screenshot
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт