X
 14.10.2020 Живот

Подземниот „Партенон“ што го заштитува Токио од поплави

Го нарекуваат јапонскиот подземен „Партенон“ и претставува комплекс од пештери што функционира како резервоар и ги заштитува Токио и околните области од катастрофални поплави. Експертите предупредуваат дека ризикот за вакви поплави расте поради ефектите на климатските промени.

Над земјата не се гледа инженерскиот подвиг, кој е најголемиот подземен резервоар на светот. Оваа огромна структура наречена Касукабе е толку длабока, што на некои места во неа би ја собрало Статуата на слободата. Структурата го пренасочува вишокот вода од бурите и тајфуните и со тоа го заштитува Токио од поплави. Резервоарот стои на столбови тешки 500 тони и е голем колку две фудбалски игралишта.


Фото: Wikipedia

Резервоарот помага да се намали штетата на домовите при големи невремиња, особено во сезоните на дождови, од јуни до октомври. Се проценува дека со резервоарот се намалил бројот на оштетени домови при невреме за околу 90%.

Во Токио има уште 10 други подземни резервоари и три тунели за поплави, а се градат и други структури за заштита од поплави. Низ градот поминуваат над 100 реки, а глобалното загревање ги влошува невремињата. Само во јули во Јапонија загинале над 80 луѓе поради поплави или одрони. Јапонската метеоролошка агенција вели дека бројот на тајфуни што се опасни за Токио се зголемил за 1,5 пат во последните четири децении.


Фото: Wikipedia

Резервоарот Касукабе е поврзан со тунел долг 6,3 километри и може да испушти насобрана вода во реката Едогава во близина со голема брзина. Тој бил изграден во 2006 г., а неговата изградба чинела околу 2,2 милијарди долари. Се користи седум пати годишно.

Експертите сметаат дека овој резервоар не е доволен, па затоа јапонските власти ги предупредуваат граѓаните да ги напуштат домовите за време на големи невремиња. Резервоарот е отворен за посета кога не се користи.

Автор: Шинго Ито
Извор: phys.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот