Универзитетот „Св. Климетнт Охридски“ – Битола основа прво бесплатно психолошко советувалиште за студенти. Според предлагачите: вон. проф. д-р Драгана Батиќ и д-р Гордана Ристевска-Димитровска основната цел на советувалиштето е унапредување на менталното здравје на студентите преку развивање на здрави животни стилови, негување на отпорност, како и помагање во разрешување на актуелните и развојни проблеми, особено во услови кога: освен класични психијатриски установи и приватна пракса, во Македонија не постојат психолошки советувалишта на кои студентите би можеле да се обратат за разговор и разрешување на некои свои интимни проблеми.
Со цел за усовршување на вештини за квалитетно студирање и понатамошно животно напредување, како и превенција на проблемите на менталното здравје советувалишта за студенти при Универзитетот „Свети Климент Охридски“, ќе има на Факулетот за безбедност-Скопје, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и Високата медицинска школа во Битола. Овие единици на Универзитетот се предложени заради тоа што во секоја од нив предава професор кој е и психолог/психијатар и која може да го организира и да работи во советувалиштето.
Психолошкото советувалиште на студентите ќе им пружа помош во совладување на тешкотиите за снаоѓање во средината во која живеат/делуваат –семејството, факултетот и општеството воопшто, какои во успешното остварување на емоционалните и социјалните односи и сопствената индивидуалност и самостојност.
Прилагодувањето на новата средина, недоволно развиени стратегии на учење и неуспехот во студирањето, психички потешкотии (анксиозност, депресивно расположение, ниско самопочитување) како и тешкотии кои потекнуваат од социјалната средина (конфликти со родителите, учење на партнерските односи итн.) се теми за кои младите луѓе сакаат да разговараат и да добијат стручна психолошка помош.
Воспоставувањето на психолошко студентско советувалиште е нова и инвентивна универзитетска активност, која сама по себе е непрофитна. Користа од вакво студентско советувалиште за УКЛО и за студентската популација е повеќенасочна:
- Советувалиштето ќе придонесе за личниот развој и добросостојба на студентите, има потенцијал да се развие во сервис кој ќе ги подобри можностите на студентите за вработување и генерално ќе им помогне максимално да ги искористат своите лични потенцијали.
- Советувалиштето ќе ја прошири понудата на активности на КРЕДО центарот при УКЛО, со што Универзитетот се развива, искористувајќи ги своите човечки ресурси.
- Советувалиштето, работејќи со студентите, индиректно помага на заедницата и стопанството, преку зајакнување на човечките ресурси на идните работници.