X
 14.11.2020 Образование

УКЛО ја унапредува работата на бесплатното студентско психолошко советувалиште во функција на грижа за менталното здравје на студентите

Психолошкото советувалиште на УКЛО, коe од почетокот на ковид-кризата започна со телефонски советувања за студентите и вработените, во рамките на мерките на Универзитетот за поуспешно справување со пандемијата, воведува нови форми и начини на работа.

Според стручниот тим од ова советувалиште, психологот, проф. д-р Драгана Батиќ и вишиот предавач, д-р Гордана Ристевска-Димитровска, специјалист психијатар, студентите од УКЛО, особено оние што имаат некои психички манифестации на страв или паника, анксиозност или кое било друго чувство во врска со вирусот, заслужуваат да бидат сослушани и да добијат соодветна психолошка поддршка и можат да се консултираат за сите тешкотии што ги имаат, или пак да разрешат некои дилеми и развојни проблеми што се присутни кај  младите луѓе.

Д-р Гордана Ристевска-Димитровска посочува дека закажувањето термини се одвива преку веб-страницата на УКЛО, односно преку рубриката брзи линкови, по пристапот до Психолошкото советувалиште се одбира професор – терапевт и по пополнување краток формулар, професорот и студентот се договараат за термин и начин на изведување на советувањето. Психолошкото советувалиште на УКЛО од почетокот на корона-кризата ја прошири својата функција и нуди советувања и за вработените. Ставот на Универзитетот е дека унапредувањето на работата на првото студентско психолошко советувалиште е неминовно и нужно поради комплицираниот период во кој живееме, кога е потребно уште повеќе да се грижиме за менталното здравје.

Проф. д-р Драгана Батиќ, која воедно е член на Комората на психолози, потсетува дека веднаш по објавувањето на мерките на Владата на Република Северна Македонија за превенција и ширење на болеста Ковид-19, Психолошкото советувалиште на УКЛО, кое функционира близу две години, ја приспособи својата работа на новонастанатата ситуација, непозната за сите нас, несекојдневна и вознемирувачка и од тие причини, редовните активности се заменија со телефонско контактирање за психолошка поддршка како соодветен одговор на мерките за справување со пандемијата.

sovetuvaliste

Стручниот тим на УКЛО од психолошкото советувалиште со особена грижа и посветеност, во континуитет ги подобрува пристапите и начините за зачувување и негување на менталното здравје, нагласувајќи: „Оваа  ситуација е кризна од повеќе причини: постои можност да се разболиме ние или нашите блиски, ни се прекина животната рутина (секојдневните обврски), ни се прекинуваат физичките контакти и мораме да седиме дома. Ваквата ситуација е нова за сите нас и вклучува неизвесност која може да создаде чувство на анксиозност, страв, паника. Во тие моменти добро е студентите да имаат психолошка поддршка, да се обратат до стручно лице (психолог, психијатар). Со оглед на тоа што советувалиште за студенти веќе постои, сметавме дека и во овие услови треба да продолжиме во согласност со сегашната ситуација. Сакаме да ги поттикнеме студентите да се грижат за себе, да не се заплашуваат себеси така што ќе читаат неселективно и ќе ги впиваат сите информации (потребни и непотребни) што само ја зголемува паниката, да се опуштат, да вежбаат, да прават нешто што им причинува задоволство и да учат, бидејќи тоа ќе им ги одврати мислите што продуцираат страв. Во оваа ситуација е неопходно да се биде активен, затоа што активноста и структурираното време ќе го намалат стресот. Стресот во овие околности е всушност „нормална реакција на ненормална ситуација“, така што кога е во прашање коронавирусот, не можеме да го исклучиме, но затоа можеме да го контролираме. За тоа постојат многу начини, техники на длабока релаксација, вежбање, дишење и сл. Битно е стресот да се препознае и да се контролира. Значајно е студентите да знаат дека не се сами, дека ние, и како професионалци за ментално здравје и како нивни професори, сме тука да им дадеме поддршка и да ги охрабриме за полесно да ја надвладеат оваа ситуација“.  

Психолошкото советувалиште на УКЛО е воедно и прво од ваков вид во државата и започна со работа во две единици на универзитетот: Факултет за безбедност-Скопје и Високата медицинска школа во Битола, како единици во кои имаше услови за оваа дејност. Психолошкото советувалиште првенствено е наменето за студентите со цел да им укаже помош во совладување на тешкотиите при снаоѓање во средината во која живеат/дејствуваат - семејството, факултетот и општеството воопшто, како и во успешното остварување на емоционалните и социјалните односи и сопствената индивидуалност и самостојност. Неговиот видоизменет и проширен начин на работа наиде на пофалби од страна на јавноста поради професионалниот, навремен и одговорен пристап на советувалиштето како одговор на УКЛО на новонастанатата ситуација предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

Оваа бесплатна услуга е уште еден начин Универзитетот да ја покаже грижата за своите студенти и вработените, да ги ангажира сите човечки ресурси и со тоа да се стави во функција на опкружувањето, односно пошироката заедница.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование