21.09.2023
Образование
МОН создава нов електронски дневник
Со финансиска поддршка од ИПА-фондовите на Европската Унија, Министерството за образование и наука изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата. Во новото софтверско решение се интегрирани сугестиите на наставниците, родителите на учениците и сите институции што имаат пристап до системот и се очекува досегашните предизвици целосно да бидат надминати, соопштија од МОН.
Оттаму додаваат дека првичните тестирања на новиот систем се веќе спроведени, во координација на МОН со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата.
Паралелно се спроведуваат и обуки за примена на новиот електронски дневник, при што тие досега се посетени од страна на 40 училишни ИТ-администратори каде што најпрво софтверското решение ќе пилотира, како втора фаза од процесот на тестирање во текот на оваа учебна година. Обуките ќе продолжат во следниот период, со опфат на сите училишни ИТ-администратори.
- Новиот систем ќе биде официјално применет во сите училишта откако ќе бидат исполнети сите услови предвидени во процесот на тестирање и по миграцијата на податоците од постојниот систем во новиот. Очекувањата се тоа да се случи во текот на второто полугодие на тековната учебна година или на почетокот на следната - велат од МОН.